Потресно е неговото сведоштво за личната борба што ја води против сопственото „месо“: „ … го истоштувам и го поробувам телото, да не би ненамерно, проповедувајќи им на другите, и сам да станам негоден“ (1. Кор. 9,27)

Пишува: Љупка Христова-Башевска, доктор по социологија на религии

Во омнибусот на библиските приказни за Ерос, третиот дел е најбогат со драмски набој. Не е чудно, главните конци на дејствието ги држи апостол Павле, кој, пак, дошол до поразително сознание – дека од сè што постои на земното, најподложно на исушенијата на Сатана е телото, особено „оние органи“! Како да се побегне од сладострасникот Ерос инплантиран во сопственото тело, од каде ќе ровари како најголем извор на зло? – Никако, порокот и гревот се човековата судбина! Мора токму на концептот на апостол Павле во врска со телесноста и сексуалноста да мислел Ниче, кога во свој стил рекол: „Христијанството на Ерос му дало да испие отров: навистина, тој не умрел, но се изопачил во порок“ (Niče 1980:94).

Порочноста на Ерос Апостолот ја сугерира на еден исклучително ефектен начин: низ лични исповеди, натопени со вознемирувачки емоции – со копнеж и пизма, себеиспитување и каење, срам и очај: „… јас сум од тело, продадено на гревот…“!/ А што да правам, не знам; бидејќи не го вршам она, што сакам, туку она што го мразам, тоа го правам“ (Рим. 7,14-15). Потресно е неговото сведоштво за личната борба што ја води против сопственото „месо“: „ … го истоштувам и го поробувам телото, да не би ненамерно, проповедувајќи им на другите, и сам да станам негоден“ (1. Кор. 9,27).

Јасно е дека пред нас е еден антрополошки концепт во којшто човекот е претставен како суштество-на-гревот, особено оптоварено со телесните гревови. Тоа е соема друг ракурс во Библијата од досега спомнатите. Кога Апостолот резигнирано ќе рече дека „… телото сака противни работи на духот, а духот – противни на телото; тие се еден против друг…“ (Гал. 5,17), поставени сме пред идеја која со ништо не асоцира на јудаизмот. Сега излегува дека телесното и духовното не се два „геолошки“ слоја на човекот, како што тоа на некој начин го сугерираше Стариот завет, туку два света, независни и спротивставени еден на друг, при што телесното a priori е зло. Овој став е дел од Павловата популистичката стратегија за ширење на христијанство што пошироко во и надвор од јудејскиот свет, каде презирањето на телесното веќе го промовираат бројни мистичко-верски секти и движења. Во таа своја намера тој ќе внесе толку жар што телесните гревови ќе станат негова лична опсесија.

Тука апостол Павле нема да остане сам. Така, во неговата теза за острото разидување на телото – изворот на злото – и духот, ќе го следи апостол Петар, кој препорачува: „Возљубени, ве молам како придојдени и гости, да се пазите од телесните желби, што војуваат против душата“ (1. Петр. 2,11). Трет апостол, Јован, нема да остане на препорака туку ќе се обиде ова попрецизно да го елаборира: „Зашто сè што е во светот – похотата на телото, желбата на очите и гордоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет“ (1. Јов. 2,16). Но, апостол Павле знае дека многу посилно од секакви препораки и образлагања би делувала една потресно признание за сопствената внатрешна распнатост, па обелоденува: „… кога сакам да го правам доброто, злото ми се наметнува./ Бидејќи со својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји,/ но во органите свои гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум, и ме прави заробеник на гревовниот закон, кој е во моите органи“ (Рим. 7,21-23).

Излегува дека со самото тоа што ги поседува „оние органи“, човек живее на работ од морален амбис. Авторот на Откровение, Јован Богослов, наоѓа решение во сексуалната апстиненција, која дури и ја смета како виза за влез во класата на Божјите првенци: „Тие се што не се осквернија со жена, бидејќи се девствени; тие се што врват по Агнецот, каде и да оди. Тие се откупени од луѓето, првенци на Бога и на Агнецот“ (Откр. 14,4). Меѓутоа, апостол Павле лавира помеѓу вербата оти за Спасот вреди да се вложи напор од тој вид, и една целосна скепса. Така, од една страна, тој силно се залага за афирмирање на апстиненцијата: „Браќа, во името на милоста Божја, ве молам подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога…“ (Рим. 12,1), но, од друга страна, иако ќе одбере самиот да го помине животот како неженет, тоа очигледно не го смета за целосно решение, оти според него, такво решение за човекот – нема („Беден човек сум! Кој ќе ме избави од телото на оваа смрт?“ (Рим. 7,24). Тој отвора простор за тешко поднослив стрептеж во срцето на верникот, убедувајќи го дека е наследник на прародителскиот грев, и дека како и да се однесува, неговата небеска судбина зависи од Божјата милост: може „да се скопи“ во име на Бога или, ако веќе згрешил, длабоко да се кае и очајнички да моли за милост и прошка, но Божјото решение си останува Божјо решение, т.е. во крајна линија е неизвесно: „… тоа зависи не од оној кој пожелува, ниту од оној кој трча, туку од Бога Кој милува“ (Рим. 9,16).
Впрочем, каде тоа воопшто би „трчал“ човек, би можел ли да избега од себеси?! И што останува за оние „обичните“, кои не се како Павле па не вреди ни да се обидат да учествуваат во една таква безнадежна трка? Апостолот, на прв поглед, прави отстапка признавајќи дека сепак „секој си има свој дар од Бога – еден ваков, друг инаков“ па советува: „Ако не можат да се воздржат, нека се женат и мажат…“, за наеднаш отворено да ја искаже поентата на своите сфаќања за брачните телесни дејанија: „… бидејќи подобро е да се женат и мажат отколку да се возбудуваат“ (1. Кор. 7,9).

Излегува дека брачните сексуални активности се само помало зло во однос на плотното искушение! Со тоа е омаловажена не само сексуалната активност која исклучиво е во функција на сладострасноста – преку проституцијата, „патемните“ врски итн. – туку и брачната, „дисциплинираната“, ставена во репродуктивна функција; за секој случај, оти што ако и тука, патем, се искуси некоја сласт?
Со ова, апостол Павле, кој едно време ја следи идејата на Исус за воздржување од брачни активности заради учество во „промената на обликот на светот“ („ова ви го велам браќа, оти времето е натаму кратко, та оние што имаат жена, да бидат како да ја немаат“ – 1. Кор. 7,29), сега оди понатаму, ја гаѓа плотноста per se. Во еден момент, пак – ако тоа не е накнадно додадено при редакцијата на текстовите што ќе влезат во приказната на Новиот завет – Апостолот ќе отстапи од својата идеја за пожелноста на сексуалната апстиненција што ја поттура час по една, час по друга основа, па во духот на старозаветната сексуална етика ќе ја спомене неопходноста од исполнување на телесните брачни обврски (1. Кор. 7,3-4), ама (внимание !?!) без да се потпадне под власта на телесните наслади (Рим. 6,12)! Настојувањето да го девалвира сексуалното задоволство, Апостолот ќе го заокружи со тоа што во списокот на инкриминираните дејанија ќе го воведе и задоволување што го доживува жена во прегратките на – жена (Рим. 1,26-27), што не беше случај во Стариот завет.

Дали одбојниот став на Апостолот кон сексуалниот порив ќе остане во мрачното минато, прекршен во душата на брјни испосници и маченици како жестоко самообвинување („А помислата што ме туркаше во блуд, како оган во мене се распалуваше, и сета ме воспалуваше. Но, штом ќе ми дојдеше таква помисла, се фрлав на земја и многу солзи пролевав, и останував да лежам, неподвижна“ – Од Житието на Марија Еѓипјанка). – Никако! Тој став – дека на телесната љубов треба да се гледа како на понижувачка животинска состојба – го имаат потпишано дури и некои големи имиња од поновата светска литература, како еден Толстој (види Стојчевски 2010:17-28). Впрочем, не се случило ли некогаш и самите нас да нè надвисне сенката на Апостолот, со неговиот заканувачи кренат прст што опоменува: „Внимавај на сладострасникот во себе“?

Насловна фотографија: Wikimedia commons 

(ПРОДОЛЖУВА: Епилог: Црковната тортура над Ерос, и обидот за негово целосно ослободување)

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.