Ерол Туфан: Властите се менливи и минливи, остануваат придобивките од културата

Туфан, поет, есеист и преведувач е роден  во Гостивар, а живее и работи во Истанбул каде што има своја адвокатска канцеларија

Пишува: Александра Јуруковска

Во животот некогаш тоа што навидум изгледа како хендикеп – да бидеш малцинство (Турчин) во мала и не толку јака федерална единица (Македонија) во состав на многунационална и многуконфесионална заедница (поранешната втора Југославија), со голем труд, цврста и непоколеблива волја може да се претвори во предност, вели Ерол Туфан, поет, есеист и преведувач. Роден е во Гостивар, а живее и работи во Истанбул каде што има своја адвокатска канцеларија. Пишува паралелно на македонски и на турски јазик, но oбјавува и на српски, црногорски, босански… Тоа му донело членство во повеќе писателски асоцијации: Друштвото на писателите на Македонија, Удружење књижевника Србије и Вакуфот на турските писатели. Неговата книга „Несоници“ – збирка на поетски есеизации за 99 генијални умови, илустрирана од сликарот Стефан Хаџи Николов, денеска во 17 часот ќе биде промовирана во Паркот пред Културно-информативниот центар во Скопје.

– Со текот на времето, совладувајќи ги јазиците на одделни средини, запознавајќи се со можноста да практикуваш придобивки на две сосема спротивни цивилизации и во сопствениот секојдневен живот, мислам дека се благодети што Бог не ги дава секому. Згора на тоа, да можеш да мислиш и да твориш како и припадниците на тие три средини, да се дружиш со нив и да расправаш за литературата и културата воопшто – е состојба и позиција која е градена со децении и која ми донела убави чувства – вели Туфан.

Како се родија „Несоници“, намерно ли ја избравте жанровската (не)определеност за нив?

– „Несоници“ е писмено искажување на нешто што сум го носел со години во себе, нешто кое не може целосно да се искаже со збор, нешто на кое сум се трудел да си дадам одговор скоро 40 години. Делумен одговор сум дал во претходната книга есеи „Книгољубецот“, но мислам дека преку употребата на овој метод на есејна поетизација на животот и делото на 99 генијалци, пронајдов начин да си одговорам себеси.

„Несоници“ се обиди на еден човек кој бара одговори на клучните прашања: кој сум, што сум, зошто сум овој, а не некој друг, што можам да сторам, како да променам нешто, зошто живеам, зошто ќе умрам итн. Резултатот е видлив и читлив. Штом излегла на виделина „Несоници“, штом се напишани повеќе критики за неа и разговарано е во повеќе средини, најсетне ќе има промоција во центарот на Скопје. Тоа значи дека мојот живот има некоја смисла. Посочувајќи есенции (по мое, нормално, бидејќи сепак во прашање е субјективен пристап кон нештата околу нас) на тие 99 ингениозни умови, сакам да кажам дека во животот сè се сведува на обид нешто да се создаде – мислата како активна енергија која се канализира со волјата на творецот и вродува со конкретен плод: фотографија, скулптура, слика, роман, песна, поема, драма, есеј, музичко дело, филм или друга форма на уметничко изразување.

Се чини дека и кога пишувате проза/есеи, повторно не бегате далеку од поетот во вас. Од каде таа доминација на поезијата во Вашето писмо?

– Не е случајна. Јас многу доцна почнав да се занимавам со пишување и објавување во сферата на културата, првата објава ми е во „Современост“ кога имав 29 години. Претходно работев како политички работник и пишував, но сосема друг вид писанија од типот реферати, соопштенија и друго. Како адвокат, пак, последниве 30 години пишувам секојдневно молби, тужби, жалби, одговори, реплики, дуплики. Но, потребата да пишувам поезија ја носам од основно училиште и имам т.н. „тајни детски списи“. За мене поезијата е најмоќната форма на искажувањата со збор. Како правник по образование и професија, не можам без конкретни факти. Но, ја познавам и имам длабока почит кон моќта на поезијата. Тоа и сум го изјавил и напишал толкувајќи ја поезијата на Радован Павловски, кој за мене е Божји громовник и чист пример за поет по раѓање. Веројатно тие два во основа спротивни крака – фактите и сликите се спојуваат во мојата душа и низ есејната поетизација или поетската есеизација се исполуваат во некаков вид арс поетика под влијание на автори од кои сум учел примери од кои сум учел: Сенека, Боетије, Монтење, Еразмо Ротердамски, генијалци од кои секојдневно се напојувам читајќи ги и учејќи ги одново.

Ерол Туфан

Често низ Вашето пулсирање меѓу двете култури и двата јазика имате и посредничка улога. Задоволен ли сте од македонско-турските културни врски? Се преведуваме ли доволно или останавме на класиците и авторите од средината и крајот на 20. век?

– Македонско-турските културни врски сè уште се во доменот на т.н. институционализирани форми, значи присуство на државата. Но, животот и вистината се далеку над овие институционализирани форми на културна соработка. Заедничкото минато меѓу двата народа, присуството на турската етничка група во Македонија, фактите за одредени личности си го кажуваат своето: саркофагот на Александар Македонски, Црешовото топче, коските на клучните поети од 19. век, браќата Миладиновци се наоѓаат во Истанбул итн. Од друга страна основачот на модерна Турција Ататурк има учено во Воената гимназија во Битола и службувано како воен инспектор на пругата Солун-Скопје. Родоначалникот на турската модерна поезија на 20. век Јахја Кемал Бејатли роден е и до 18 години живее во Скопје. Можеби еден ден треба да напишам книга токму за овие непобитни факти. Властите се менливи и минливи, тоа што останува се придобивките од културата. Ништо не е посилно од народите и нивната соработка. Пријателски односи меѓу двата народа не се забрануваат или пак воспоставуваат и градат со декрети. Тоа го чинат луѓето во секојдневниот живот. И ова интервју е еден ситен придонес кон тоа пријателство.

Кои современи турски автори би требало да бидат преведени и да гостуваат во Македонија и што од актуелната македонска културна средина би препорачале да биде претставено во Турција?

– Можам да говорам за поезијата. Две прашања би требало да се надминат: прво, творештвото на клучните претставници на генерацијата која доминира моментално на турското поетско небо ги нема во македонски превод: Озер, Џенгиз, Алова, Танјол, Ајхан, Кантурк, Коз, Ергулен. Второ, македонските љубители на поезијата „немаат абер“ за творештвото на поетите на конзервативното турско крило како што се Кисакурек, Озел, Серденгечти, Каракоч. Заблудата дека левичарско настроените поети создаваат убава, моќна поезија треба да се надмине, битна е песната, а не идеолошкото настроение на авторот. Тој проблем на искривоколчено претставување на турските поети и нивната поезија во Македонија датира уште од времето на бивша Југославија и трае сè денес, бидејќи повеќето т.н. „пренесувачи“ на турската поезија беа луѓе кои и самите беа од лева провиненција. За пример, ако размислуваме во обратен правец, може ли да се замисли какво било претставување на македонската поезија вон земјата, а да не бидат застапени Тодоровски, Поповски, Андреевски, Котевски, кои се декларирани поети со нагласено чувство за националното? Треба нештата да се гледаат реално, а не да се сервираат во обланди. Во врска со пласирањето на македонската култура во Турција тоа е и системско, но и прашање на поединците. Државата може и треба да влијае преку својот културен центар во Истанбул, Катедрата за македонски јазик и литература на Истанбулскиот универзитет, преку департманите за култура во конзуларните претставништва во неколку града во Турција, преку Семинарот за македонски јазик и литература и други институционализирани форми. Но, побитно е делувањето на поединците поети, сликари, музичари, фотографи, филмаџии итн. кои можат да сторат многу.

Туфан во својата библиотека

Неодамна починатата актерка од Македонија, Сабина Ајрула Тозија, со неколку карактеристични ролји во неколку турски влијателни ТВ серии стори многу во таа насока. Потоа, сликарот Мустафа Асим, кој што има завршено во класата на Димитар Кондовски, со десетина изложби во галериите во Истанбул, поетите Неџати Зекерија и Суат Енѓуллу со препевите на некои македонски поети сторија многу за културната презентација на Македонија во Турција. Протоколот потпишан меѓу СВП и Истанбулскиот поетски фестивал и размената на поети и културни дејци во неколку наврата пак е одраз на лични контакти меќу поетите од двете земји. Сепак сето тоа е стихијно и поединечно. Потребно е луѓето што ги знаат проблемите, како и оние што творат, директно да влијаат, но и обратно оние кои се одговорни и со моќ, доколку се неупатени и не се творци да отворат простор за првите, инаку проблемите само ќе се напластуваат, никако нема да се решат.

Tурција е огромна културна средина, каков е патот да се пробие еден автор таму, како се стигнува до издавач, а како до читатели? Кои се најдоминантните современи тенденции во културата?

– Турција е голема земја, но и таму има одредени центри каде што се создава културата – Истанбул, Анкара, Измир. И во тие центри има одредени кругови, оти како и секаде во светот луѓето живеат во одредени групи. Има еден лакмус или мерило за да се види или открие што се случува во мисловните објави на двете клучно спротивставени идеолошки групи во Турција (вклучително и книжевните објави). Во централното градско подрачје на Истанбул, на Таксим на главната улица „Истиклал“, токму на средината има мал плоштад, таму каде што е лицејот на Галатасарај, од двете страни на улицата има две згради една наспроти друга. Ако сакате да видите што има ново во објавите на т.н. леви или пак либерални турски творци (книжевници, социолози, историчари, културолози, филозофи) треба да влезете во огромната книжарница (зграда) на банката „Јапи Креди“. Доколку пак сакате да видите што се случува во конзервативната мисла во Турција треба да влезете во спротивната зграда книжарница со фирма „Инсан“. Но, постојат автори кои се прифатени и признати од сите групи каков што е Јахја Кемал Бејатли и Илбер Ортајли (овде говорам за сите автори, не само литерати). Турската творечка мисла е динамична, се напојува од повеќе извори бидејќи е на крстопат меѓу повеќе култури и цивилизаци, еден вид мост. Турската нација е голема и има многу млада популација, отворена кон светските струења, но и со длабока почит кон сопствената автентична традиција.

Сподели