Еразмус+, шанса за која многумина сонуваа пред 15 години

Младите имаат можност од најмала возраст да истражат и полесно да го трасираат својот пат во иднина, придобивките се огромни, вели вели Марко Ѓоргиевски, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност

Тоа што во минатото беше тешка или невозможна мисија за илјадници студенти, ученици, наставници, професори во однос на соработката со земјите од Европската Унија, веќе 15 години е реалност преку програмата за мобилност Еразмус+. Тоа што за едни е „најголемата туристичка агенција“ во земјава, за други е вмрежување, развој, искуство што не може да се добие на ниту еден друг начин во земјава. Илјадници фантастични приказни и доживувања, долгорочни соработки и пријателства и нови можности за многумина Македонци.

Марко Ѓоргиевски

– Еразмус+ е најголемата и највидливата програма на Европската Унија. Нејзиното спроведувањето во нашата земја е започнато од 2014 година со старата програма и е продолжено со новата програма до 2027 година. Ваквото мислење кое се креирало во минатото можеби е резултат на одредена акција, популарната КА 229 од 2018 до 2020 година каде што нашите училишта беа партнери во проектите и секоја година имаше околу 150 грантирани проекти. Тоа значи дека во изминатите три години повеќе 450 проекти биле спроведени од нашите училишта – вели Марко Ѓоргиевски, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Според него, големиот број на проекти, односно реализирање на мобилност на наставниците и учениците значи подобрување на одредени вештини и компетенции и на професионален така и на приватен план.

– Сето ова отвора многу можности и го подобрува образовниот процес во државата. Младите имаат можност од најмала возраст да истражат и полесно да го трасираат својот пат во иднина. Придобивките се огромни. Една од нив е и интересот за училишно и стручно образование кој од година во година се зголемува преку бројот на апликации во нашата агенција – вели Ѓоргиевски.

Националата агенција е формирана во 2008 година со посебен Закон за основање на национална агенција и таа е директно под надлежност на Европската комисија, како потсектор на програмата за медиуми, култура и спорт. Функционира на принцип на децентрализирани системи – секоја земја си плаќа годишен влезен билет. Работната програма оди во Брисел на одобрување и потоа се имплементора. Националната агенција има Управен одбор во кој членуваат различни претставници. Ѓеоргиевски раководи со Агенцијата веќе три години.

– Ја наследив Агенцијата во поинакво издание и затоа е исклучително важно да ги брифираме медиумите за јавноста да ги добие вистинските одговори. Од самите почетоци Агенцијата се соочува со низа предизвици и состојби што влијаеле на имиџот и носеше сериозна одговорност особено во моментите кога ја преземав функцијата. Денес заедно со вработените посветено работиме кон градење на една стабилна и високо професионална државна институција која работи по европски правила, стандарди и принципи – вели Ѓоргиевски.

Агенцијата менторира повеќе програми и мрежи, но Еразмус+ е најраспространета. За неа повици за пријавување се отвираат неколку пати во годината. Апликациите се ипраќаат на еден заеднички централизиран портал, без разлика од која земја е апликантот. Пријавените проекти ги разгледуваат 70 евалуатори.

– Тоа е целосен механизам кој функционира добро за да се заштитат апликантите. Целиот процес е автоматизиранн за да се избегнат манипулации. Интересот за Еразмус+ е голем кај нас. Годинава на повиците пристигнаа 400 апликации, а имавме буџет за 150. Исклучително ни се важни оние што аплицираат првпат за да може да има што повеќе различни корисници на програмата. Ако идејата е добра, има потенцијал и е избрана за поддршка, ние им помагаме на апликантите да ги надминат слабостите – вели Ѓоргиевски.

Според пропозициите, додека се одвива проектот апликантите добиваат 80 отсто од одобрениот буџет, а последните 20 отсто им се префрлаат на сметка откако ќе завршат финалните извештаи. Повиците се поделени во 5 категории: училишно, стручно, високо образование, образование за возрасни и категорија млади.

– Најголем е интересот на градинките, основните и средните училишта. Тие се секогаш на тенката линија на промената на власт и често се случува од такви причини да не можат да доработат некој проект. Апелирам до сите нови раководства да се остави кадарот да ги доработи проектите. Со пречки сите само губиме – дециден е Ѓоргиевски.

На прашањето како ги коментира реакциите на многумина родители дека Еразмус+ е „најголемата туристичка агенција во земјава“ и дека само едни-исти наставници се дел од програмата Ѓоргиевски одговара:

– Има многу добри и позитивни практики, има и предизвици. Еден од нив е што малкумина настивници се активни говорници на англиски јазик. Преку зголемена транспарентност и комуникација апелираме на поголема вклученост на сите чинители во образовните процеси во државата. Националната агенција останува отворена за сите поплаки и жалби од страна на корисниците за да може сите тие да ги провери и да ја направи програмата уште подостапна и поотворена за сите – вели Ѓоргиевски.

Сподели