Но, постои и Ерос со друг лик. Тоа е оној кој е спремен да излезе од себе и од својот нарцизам, оној за кој Другиот во телесната игра има вредност по себе, и тоа на ниво на ексклузивитет

Пишува: Љупка Христова-Башевска, доктор по социологија на религијата

Идеите на Апостолот за телесните гревови сфатени како фундамен на човековата природа, во подоцнежните христијански теолошки толкувања ќе бидат прифатени како автентични, и ќе продолжат да опстојуваат низ времето како Божја реч. Историјата на црквата покажува дека, во меѓувреме, меѓу духовните лица ќе се јават и такви како британскиот калуѓер Пелагие, кои ќе тврдат дека луѓето се раѓаат неоптоварени со грев, но црквата на Соборот во Картагина во 418 година, Пелагие и сличните ќе ги прогласи за еретици; разбирливо, нејзиниот raison d`être е да ја спасува душата на верникот, очистувајќи го од гревот и злото, а има ли попогоден поданик на црквата од оној којшто го живее гревот од самото раѓање, при што е посебно подложен на „гревот на своите органи“? Ако на христијанинот со векови, од страна на црквата – самата „тврдина на вистината“– му се испраќа ваква порака, тоа неизбежно ќе делува на неговото морално профилирање, набивајќи му длабоко во срцето срам заради сопственото тело, презир кон себе и чувство на исконска вина, и сразмерно на тоа, силна потреба во црквата да бара спас. Со оглед на ваквата институционализирана контрола над човековото однесување во сферата на најинтимното и однадвор диригираното себедоживување како бедно плотно суштество, нема да претераме ако благонадежниот христијанин од минатото си го претставиме како човек кој бара да биде како дете држен за рака за да не застрани поведен од своите телесни пориви, или кој post festum, очајно моли за прошка, се повлекува од светот, се става на сув леб и вода, коленичи, си го гребе лицето и си го камшикува своето тело. Во случај, пак, на отсуство на негова лична борба, се знае дека црквата сепак нема да остави неговата душа да пропадне, воведувајќи, во дадени историски моменти, како во време на инквизицијата, и радикални мерки за прочистување од гревот, од телесно мачење до испраќање на клада. А ако тие практики немаат свој така жесток пандан во православието, тоа не значи дека во неговиот свет благонаклоно се гледа на сексуалноста. Познато е дека, додека на средновековните икони Адам и Ева во Еденската градина се прикажани голи но без полови органи, во сцените кои се однесуваат на времето после Падот, Ева, барем во руската иконографија, е често опремена со бујни гради како симбол на сексуалниот нагон, што е во дослух со ставот на словенските црковни автори дека Божјото првобитно совршено создание било асексуално, и дека сексуалниот нагон (блудот) се раѓа во несовршениот свет на Сатана како негов изум. И, не знаеме дали да го оцениме како позитивно или негативно тоа што, при одредувањето на мерката покајание од страна на православните свештеници, „половиот однос за задоволство не се сметал за поголем грев од половиот однос за раѓање потомство“ (?), односно, што „преовладувало убедувањето дека мажите, а особено жените се слаби“ (Баталден 1997:96; подвлеченото – мое)!

Ете, и во помалку ригидното православие, половиот однос, без оглед на мотивите, е грев, израз на човековата слабост! Ако тоа чувство притискало генерации и генерации, одредувајќи го битно животот на луѓето, туркајќи поединци дури и во смрт, разбирливо е што лузните сè уште не може да се залечат, па ставот на современиот припадник на Западната култура спрема сопствената плот, независно од тоа дали е верник или не, во одредени сексуално провокативни ситуации, честопати оддишува со некоја нелагодност, фрустрација, двојба.

Оваа наслојка од христијанството почна да се сронува уште во првите децении на минатиот век, под влијание на бурни општествени промени (подемот на гласачкото право на жените, достапноста на таблетката за контрацепција, признавањето на правото на абортус, на правата на Ел-џи-би-ти заедницата итн ), за да доживее сериозна загроза во шеесеттите години, со движењето за слободен „сексуален сообраќај“ наречено Сексуалана револуција или Сексуално ослободување. Но неговата еруптивна појава имаше кратка историја.

Со оглед на генералните трендови на општествениот развој, обидите да се најде решение за ослободување на сексуалноста од разни наслојки на нејзиното дисциплинирање вршено низ досегашната културна историја, особено низ црковното учење и практика, секако ќе продолжат, иако е очигледно дека нивниот тек, поради разни околности (економските и миграциските кризи, појавата на сида, на коронавирусот итн.), на моменти папсува.

Но, има еден парадокс во идејата за принципиелно ослободување на сексуалноста од надворешна контрола. Имено, општопознато е дека сексуалната страст знае посебно да живне токму кога ќе исчекори од предвидливата и регулирана шема на спарувањето, кога ќе се впушти во игра со опасното и во експеримент со непознатото, кога ќе се насочи кон ризичното и тешко достижното, кога ќе забега надвор од границите на дозволеното и очекуваното. Ова искуство нашло своја уметничка обработка во постари и понови уметнички дела, па и експлицитно влегло во бројни широко распространети досетки („Жено моја, камо да си туѓа“!).

Излегува дека Ерос се храни со провокацијата на забраната и привлечноста на прекршокот!

Но, за кој Ерос сега говориме? – за Ерос егоистот, доведен до екстрем во ликот на Моцартовиот Дон Жуан, оној на кој Другиот му служи само за да го оствари сопственото моментално уживање. Како таков, според биолошката законитост, тој на крајот од играта – колку и да била величествена – нужно запаѓа во еден вид празнина и потреба од повторување. Затоа постојано му треба надворешен стимуланс, ризик кој ќе ја поткрене подослабената возбуда и ќе го избави од востановената рутина.

Но, постои и Ерос со друг лик. Тоа е оној кој е спремен да излезе од себе и од својот нарцизам, оној за кој Другиот во телесната игра има вредност по себе, и тоа на ниво на ексклузивитет. Тоа е Ерос кој ги споил страстите на телото со страстите на душата, па граница меѓу нив нема: ниту страста спрема душата е очистена од сексуалниот набој, ниту страста спрема телото од душевен занес; тие меѓусебно се хранат, тешко допирливи од надворешните стеги или стимуланси.

Тоа е Ерос, богот кој го признале оние кои ја дофатиле Љубовта, како високо ниво на својата егзистенција. И ја сочувале. Барем за некое време…

(КРАЈ)

Насловна фотографија: Wikimedia 

Референции:

– Јакимовска, Илина: „Реално и идеално: промена на родовата парадигма во македонската етнологија, во За етнологијата: Безброј прагови сме преминале.“ Зборник текстови, ПМФ, Институт за етнологија и антропологија, Скопје, 2014.

– Niče, Fridrih: „S one strane dobra i zla“, Grafos, Beograd, 2012.

– Стојчевски, Санде: „Аполон и Меркур“, Три, 2010.

– Баталден, К. Стивен: „Преиспитување на традицијата“, Култура, Скопје, 1997.

– Свето писмо на Стариот и Новиот завет (Библија), 1990, Лондон: Британско и инострано библиско друштво. (библиските цитати се преземени од ова издание).

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.