Секој филм е „ѕверка“, има свој живот, и си зазема сопствена форма, па крајниот исход може да биде непредевидлив, истакна Ментл
Израснал во слободоумно семејство, без притисоци од родителите. Мајка му била сликарка, а брат му е книжевник. И самиот мислел дека можеби ќе биде сликар, секогаш заинтересиран за игрите со светлината… Вака кинематограферот Ентони Дод Ментл, лауреат на наградата „Златна камера 300“ на 43. издание на фестивалот „Браќа Манаки“ го почна денеска мастеркласот.
Како млад работел разни физички работи во Британија и во Данска, потоа поминал подолг период во Индија, каде своевремено живееле и работеле неговите баба и дедо. Таму на најдобар начин го споил воодушевувањето од пејзажите и фотографијата. Релативно доцна, на 26 години, почнал да студирал камера на Националната филмска школа во Копенхаген. Претходно завршил колеџ за фотографија и комуникации во родната Британија. На Националната филмска школа се случила првата средба со луѓето кои ќе го втиснат жигот на неговата професионалната судбина – режисерите Ларс фон Трир и Томас Винтерберг. Тие се протагонистите на правецот „Догме 95“ и творци на веројатно, последниот значаен филмски манифест во светската кинематографија, кој заговараше снимање филмови со камера од рака и природна светлина.

Ентони Дод Ментл (лево) и Најџел Волтерс
Модератор на мастеркласот беше Најџел Волтерс, поранешен претседател на интернационалната федерација на кинематографери ИМАГО и докажан промотер на битолскиот самит на кинематограферите од светот. Ментл на кратко ги портретираше неговите најпознати соработници во разни фази на кариерата.
– Трир секогаш сака да провоцира, Винтерберг во „Семејна прослава“ направи едноставна, но исклучителна поетика. Дени Бојл е забавен, но истовремено и брутален автор што сака да предизвикува – вели Дод Ментл кој за соработката со Бојл на „Милионер од предградието“ освои „Оскар“ за кинематографија.
Тој посочи дека многу му е битна екипата што работи на фотографијата и монтажата при реализацијата на филмот. Ако нема доволно соработка, а премногу его, тогаш процесот на снимање е многу напорен.
– Секој филм е „ѕверка“, има свој живот, и си зазема сопствена форма, па крајниот исход може да биде непредевидлив – истакна Ментл.

На мастеркласот беа презентирани извадоци од неколку значајни филмови на кои Дод Ментл вил директор на фотографија – „28 дена“ и „Милионер од предградието“, „Антихрист“ на Фон Трир, „Последниот крал на Шкотска“ на Кевин МекДоналд… Тој говореше за соработката со Винтерберг, кого многу цени како автор и кој му е близок пријател. Фон Трир, пак, дека кога го снимал „Антихрист“ бил во мрачно расположение (во кое се уште се наоѓа), а тоа е преточено и во атмосферата во филмот.
– Сите кинематографери треба да го прават тоа што го сакаат и ги возбудува – заврши Дод Ментл.





