Професорката Елена Верижникова е одликувана со медалот „Блаже Конески“ на свечена седница по повод денот на МАНУ во Скопје, пишува Russia Beyond. Секоја година на овој ден Македонската академија на науките и уметностите ја доделува наградата која го носи името на нејзиниот прв претседател. По предлог на Одделението за лингвистика и литературна наука годинава, кога во Македонија се прославува 100-годишнината на великанот Блаже Конески, беше донесена одлука медалот да ѝ биде доделен на руската македонистка Елена Владимировна Верижникова. Наградата на Верижникова ѝ се доделува за нејзиниот придонес во македонистиката, како во својата родна земја, така и пошироко.

Лауреатката ја претстави академик Марјан Марковиќ кој откако на присутните им ги презентираше фактографските податоци од животот на Верижникова, ги претстави и нејзините научни достигнувања. По ова официјално обраќање тој се осврна и на еден друг дел од ликот на Верижникова, при што ги истакна како нејзините човечки квалитети, така и нејзината неверојатна интуиција за јазикот и за сето она што е поврзано со Македонија.

Во своето пригодно обраќање, пак, професорката Верижникова се осврна на македонистиката во Русија, при што го подвлече фактот дека во моментов на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“ се школува десеттата генерација македонисти. Групата беше формирана минатата година, годината на најголемите кризи поврзани со пандемијата од ковид-19, што претставува голем успех како за професор Верижникова, така и за македонистиката.

Таа и се заблагодари на Македонската академија на науките и уметностите за тоа што е удостоена со една ваква мошне важна награда, но пред сè им се заблагодари на сите граѓани на Македонија за тоа што го зборуваат македонскиот јазик, кој е нејзината причина за живеење.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.