„За трите света“ беше пристапното предавање на проф. д-р Валентин Мирчески во Македонската академија на науките и уметностите
Од почетокот на универзумот до улогата на секое битие во кусиот миг на неговото постоење како дел од една целина создадена од бесконечен број ентитети кои не можат еден без друг. Низ 40 минутно предавање врамено во насловот „За трите света“, проф. д-р Валентин Мирчески деновиве го одржа пристапното предавање во Македонската академија на науките и уметностите. Мирчески, редовен професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје беше избран за член во работниот состав на МАНУ на 20. изборно собрание на Академијата што се одржа лани во март.
Увод во предвањето даде академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ. Академик Глигор Јовановски преку биографијата на Мирчески ги претстави неговите научни достигнувања, со особен акцент на неговата меѓународна дејност.
Проф. д-р Валентин Мирчески
– Тешко е да изразам каков респект чувствувам што сум на ова место. Големината на ова место доаѓа од големината на луѓето кои биле тука претходно. Некои од нив го гледаа светот околу нас, некои го гледаа светот во нас, беа во светот на зборот, некои гледаа убавина од овој свет и убавина создаваа. Сите твореа врз еден црвст преродбенички национален темел, а под него имаа длабок духовен корен. А под секој корен има друг темел, и така сето тоа оди до почеткот на времето. Голема е честа да се зборува пред вас – рече Мирчески.
Во полната сала на Академијата, во инспиративен говор базиран на науката, на електрохемијата која е во фокусот на неговиот научен интерес, но и филозофијата, културата, уметноста и духовноста, тој ја поврза хемијата со суштината на светот како нераздвоен дел од универзумот. Ви пренесуваме неколку секвенци од неговото предавање.
„Сакам да го побарам коренот на хемијата и за да го најадам морам да се вратам навистина далеку, на почетокот на ова величествено место кое го нарекуваме универзум. Таа слика ни ја подарија физичари и според неа, на почетокот дури немало ни простор. Се создал простор, а тој е нераздворен од енергијата, која е нераздвојна од дејството, кое е нераздвојно од промената. А не може да има промена, а да нема време. Овој свет ќе го наречам физички свет. Тој секако се базира на апроксимации, на некоја екстраполација и во крајна линија – на верување. Тоа е многу интересно. Тоа не може никако да го заобиколиме. Мудри луѓе велат дека тоа е процес, во него ништо не е константно, сè се менува…
Многу е интересно што на самиот почеток од таа првична хомогена енергетска дистрибуција се создааваат услови, концентрација на огромна енергија на исклучително мал дел од просторот. Тоа го нарекуваме материјална честичка. Тоа не останува незабележано од остатокот на просторот кој повторно не може да биде ослободен од енергија. Таа врска не знаеме како поинаку да ја опишеме освен да кажеме дека тоа е особина на маса, тоа е всушност масата. По една микросекунда од почетокот на времето се создаваат услови да се создадат протони и неутрони, а по една секунда (доста покасно) и електрони. Тоа е се трите најважни честички за хемичарот. И нивното взаемно дејство, нивната интеракција создава целосно нов ентитет – величествена честичка нарачена атом. И сè е изградено од атоми, во нас, она што гледаме и така натаму. И во рамките на тој атом електронот на некаков начин е привилегирана честичка – целиот простор му е даден на располагање на електронот. Тој таму не е ни честичка, туку некакво поле во рамките на атомот. А кога ќе го напушти атомот, тој е честичка. Уште кај електронот во таа двојност ние ги забележуваме првите аспекти на важни космички прнципи наречени слобода, избор итн…
…Кога станува збор за атомот, големиот бард на науката на 20 век, Нилс Бор, нè предупредува – како научници не може да зборувате строго за атомот, мора да го земете јазикот на пеозијата оти тешко се стига до тие факти… Мора да се создаде слика и една ментална врска со таа слика – таков е атомот.
…И замислете еден протон и еден електрон, создаваат водород. Најмал, наједноставен, најважен. Реактивен скоро со сите елементи. А само еден електрон повеќе, и уште еден протон и по некој неутрон, се создава хелиум – целосно самодоволен, нерактивен практично со ништо. Замислете еден електрон колку голема разлика прави!
…Сржта на хемијата се хемиските реакции, а нивниот плод се хемиските соединенија. Тие се само резултат на одредена интеракција на некои од електроните помеѓу соседните атоми, не на сите електрони. А интеракциите во овој универзум го носат новиот квалитет. Според тоа сосема е јасно, електронот е Божјата честичка во рацете на хемичарот. И замислете да имаме наука во која може да ги користите електроните како реактанти. Тоа за среќа не само што е возможно, туку и релативно едноставно…
…Сè во овој универзум е резултат на интеракции на ентитетите, не на самостојна издвоеност. Моето егзистирање зар не е плод на една академска средина?! Тоа „јас“ вклучува многумина, тие многумина се „јас“, создаден сум преку нив и сум ги создавал и јас на некаков начин. Но, космосот одлучил тие да бидат пред мене и да ме создадат, сè што е мое е всушност и нивно. Феноменот е во заедништвото, тогаш има нов квалитет. Моето јас е исто така дисеминирано низ многу други јас. Смислата на животот е целосоно исцрпена во неговата сама егзистениција, не треба да се бара друга смисла, но неговата вредност е колку тоа мое „јас“ ќе допре до други „јас“ и со нив ќе се измеша. Ќе создаде ли нов квалитет? Тоа е вредноста на животот, не моите резултати кои се нешто минорно… Што се тие за овој универзум?! Но, ова е мојата улога, оваа специфична интеракција на моето постоење во просторот и во времето. И тоа е длабоката вредност на животот.“