„Ех, моја Македонија“ во сеќавање на Драган Спасески Охридски

Во „Лапидариум“ во Охрид вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Ех, моја Македонија“, како сеќавање на докторот и уметник Драган Спасески Охридски. Ќе бидат изложени дела од Мајкл Клос и Демир Демироски Мак од Канада и Наташа Попоска Карче и Ѓоко Симјаноски од Македонија. Во рамките на придружната програма ќе настапи Џевад Рамаданоски.

Спасески Охридски (1960-2020) беше доктор и уметник, поет, кој истовремено се занимаваше со дизајн, компјутерска уметничка графика, уредување на ентериери. Како уметник реализирал повеќе мултимедијални проекти: „Апокалиптичен нарцис“ (1989 година), „Сè трепери“ (1996 година), „Блиску до сонцето и љубовта мракот помалку боли“ (1999 година), „Вибрација, креација, совршена релација“ (2001 година), „Охридски ангели“ (2003 година), „Погледни во себе“ (2004 година), „Трите точки“ (2008 година), „Охридски бисери на мудроста“ (2010 година), „Битолска трилогија“ (2011 година), „Човек е трепет… и ангелот трепет е… а ти Боже мој…“ (2017 година). Скоро сите мултимедијални проекти се составени од изложби на ликовни дела и промоција на книги – поезија со истоимениот наслов како мултимедијалниот проект, а некои се проследени и со архитектонски ентериерни креации.

Сподели