Едвај чекам да го прикажеме „Фантази“ во Крушево, каде што е снимен

Родена во малото словенечко градче Брежице во 1991 година, Кукла Кешеровиќ е млада режисерка и сценаристка, чиј филм „Фантази“ синоќа ја имаше македонската премиера во рамките на 24. Фестивал на европски филм „Синедејс“. Филмот е копродукција со Македонија, прв долгометражен за Кукла, по кратките „Сестри“ (2020) и „Амеба (2021).

„Фантази“ е авторски филм во кој вие ги отворате прашањата за родот и себеоткривањето. Како се роди оваа приказна кај вас?

– Идејата ми се појави пред околу 10 години, додека режирав музички спот, а протагонистките беа машкоданки облечени во сиви тренерки, кои возеа мотори и тренираа заедно. Таа слика на „заборавените“ во широки облеки со коси во опавчиња, кои на некој начин останале затвореници на своето семејство и околната средина, затоа што не се вклопуваа во строгите правила на женственоста на патријархалниот Балкан, ми се врежа во умот и предизвика лавина од сеќавања и визии – од заклетвите на девиците, што е голем и комплексен дел од историјата на Балканот, до наследството на турбо-фолк културата денес. Прв пат го истражував овој свет во краткометражниот филм „Сестри“ (Sisters), како студија на случај, но наскоро ги надмина моите првични размислувања. Ги најдов трите девојки, сестрите. Потоа соработувавме на „Фантази“, кога ја најдовме четвртата актерка. Колку поблиску бевме до финализирањето на правењето на филмот, толку повеќе сфаќав дека приказната, на многу начини, е рефлексија на моето сопствено искуство. На растење и живот на Балканот. Во филмот сакав жената да се погледне себеси, ако е можно, со свои очи, но исто така да го прикажам и родовиот алхемизам (gender-alchemy), разновидноста, тензијата, насилството и контрадикциите кои не само што го обликуваат овој регион, но и општествата насекаде.

Филмот е копродукција меѓу Словенија и Македонија. Каква беше соработката со македонскиот дел од екипата?

– Беше благослов да ги најдеме соработниците кои резонираа со „Фантази“ на подлабоко ниво и кои беа подготвени да вложат толку многу труд во филмот. Соработката беше одлична.

Синоќа се прикажа на Фестивалот на европски филм „Синедејс“. Имате ли очекувања од публиката, како ќе го прифати филмот?

– Многу сум возбудена што филмот се прикажа во Скопје. Жалам што не можев да присуствувам во Скопје од здравствени причини, но затоа актерката Алина Јухарт е таму и многу се радувам за тоа. Ова е глас од дијаспората и моја благодарност кон моите македонски корени. Беше прекрасно снимањето во Македонија и благодарна сум на сите. Исто така, едвај чекам да го прикажам филмот во Крушево, каде што е сниман. Во Словенија започнуваме со дистрибуција следната недела и сум многу возбудена.

Имате потекло од Крушево. Ја посетувате ли Македонија? Каква е вашата врска со нашата култура?

– Мојот однос со моите корени беше комплексен. Цело мое детство во Словенија ми беше срам зашто немам „чиста словенечка крв“, но кога како тинејџерка дојдов во Македонија, целиот срам исчезна кога ја почувстував убавината на Македонија, нејзината душа, топлина, митологија и магија. Како што реков, едвај чекам да го прикажам филмот во Крушево, каде што снимавме и мислам дека е совршено место за филмски фестивали и уметнички резиденции, најубавиот град на Балкан.

Тешко ли е за еден млад режисер/режисерка во Словенија да добие можност за финансирање за филм?

– Голем предизвик е, но се’ повеќе има поддршка за млади филмски творци низ целиот Балкан. Јас исто така сум и копродуцент на нашиот филм со други држави, што е потребно за виталноста на филмскиот буџет на филмот.

Што ве очекува следно? Дали работите на нов проект?

-Ова патување на креирање филм беше многу комплексно, посебно кога станува збор за дебитантски филм. Го сонуваш својот филм, се бориш за него со години, го преживуваш завршувањето, а потоа филмот продолжува да го живее својот живот. Филмот сега продолжува, го наоѓа патот до срцата на луѓето и ја наоѓа својата публика. Си реков на себе: Никогап повеќе, но веќе го пишувам мојот следен филм. Тој ќе биде доста различен од овој, но ќе се занимава со слични теми за динамиката на жените во светот денес.

Насловна фотографија: John Pavlish

Сподели