„Единствен матичен број“ на Лидија Димковска – најдобар роман на годината

Со овој роман, Лидија Димовска создала дело во кое личните истории, благодарение на прозната вештина на писателката, ги шират своите кругови на значења сѐ до глобални размери“, велат во образложението за наградата членовите на жири комисијата.

Четвртиот роман на Лидија Димковска, „Единствен матичен број“ во издание на ТРИ ја доби наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. Жирито во состав: Влада Урошевиќ (писател и минатогодишен лауреат), Бранко Цветкоски, Сашо Огненовски, Марија Ѓорѓиева и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата „Славко Јаневски“), со мнозинство гласови ја избра Димковска, а на конкурсот годинава пристигнаа 36 романи.

Влада Урошевиќ ја доби наградата минатата година

– Романот „Единствен матичен број“ на Лидија Димковска е едно дело чија што основна идеја ги носи во себе обележјата на актуелноста. Преку историјата на едно семејство, Димковска се нафаќа да ја претстави, во сета нејзина трагика, едната од индивидуалните и колективните судбински состојби толку карактеристични за нашата епоха: ситуацијата на егзилот. Присилното губење на татковината, на родниот дом, на делот од сопственото постоење проникнато со безброј врски кои го спојуваат поединецот со неговото потекло, добива во романот на Димковска своја конкретна, мошне индивидуализирана посебност. Со поседување на мошне развиено чувство за детаљ, со изострена перцепција за вкусот на времето, со умешност за карактеризација на ликовите, во рацете на Лидија Димковска општата идеја на откорнатоста и обездоменоста се материјализира во конкретни животни судбини кои ја носат во себе својата несомнена животна убедливост. Низ поимот на „пустелија“ , мошне често повторуван низ оваа проза, сугерирана е, со една голема доза на емотивна ангажираност, суровата стварност во која живеат личностите на романот. Сите тие личности се отуѓени – колку во односот еден кон друг, толку и во односот кон околината што ги опкружува. Судирите помеѓу нив, како и нивните судири со општествените норми, се само последици на нивните неуспешни обиди да го пробијат ѕидот на неразбирањето што светот го изградил околу нив. Со овој роман, Лидија Димовска создала дело во кое личните истории, благодарение на прозната вештина на писателката, ги шират своите кругови на значења сѐ до глобални размери“, велат во образложението за наградата членовите на жири комисијата.

Четврт век ја доделуваме наградата, на моменти страв ме фаќа. Велат обично кога ќе заминат од светов основачите на наградата, ќе се сфати колку била важна. За среќа добар дел од основачите од времето на Утрински весник сме се уште тука. Ме радува што писателите и издавачите ја сакаат оваа награда. Се радувам што интересот на авторите расте секоја година. Оваа награда дава насока за обичниот читател на кои дела да обрне внимание, оти не можеме да постигнеме се да прочитаме, тоа е факт – рече Sвездан Георгиевски од фондацијата „Славко Јаневски“.

Андреј Јовановски од „Kомерцијална банка“ истакна дека седма година ја даваат поддршката на оваа важна награда. Горди сме што сме дел од оваа приказна, истакна тој. Поддршката изнесува 360.000 денари, од кои 150.000 денари е наградата за лауератот.

Во најтесна селекција за наградата, покрај „Единствен матичен број“, беа: „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски („Матица македонска“), „Заборав“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“), „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска („Или – или“) и „Зелениот дворец“ од Сибо („Арс Либрис“)

Видно возбудена, Димковска се заблагодари на ова признание изразувајќи задоволство што ќе биде меѓу 25-те наградени автори.

– „Едниствен мачтичен број“ е мој четврти роман во којшто вложив многу труд, време, многу истражување и мислам дека е мојот најсериозен, најзрел роман досега. На некој начин наградата „Роман на годината“ е моја трета среќа, бидејќи романите „Скриена камера“ и „Резервен живот“ се најдоа во потесната конкруенција на оваа награда во текот на годините. Многу ми е мило што зад оваа награда стои жири од вакви автори како што нашиот Влада Урошевиќ, нашиот класик и мој професор. Многу е необично за мене да седам овде до него како негова поранешна студентка, а сега на некое исто ниво. Тоа и така треба да се случува во животот. Многу ми е мило што фондацијата која ја доделува наградата го носи името на Славко Јаневски. Ние сите сме всушност следбеници на Славко Јаневски, во машки или женски лик. Сакам да се заблагодарам на повеќемина што придонесоа овој роман воопшто да биде напишен и објавен. Но, пред сè би сакала да и се заблагодарам на мојата книжевна мајка Оливера Николова, којашто ми дозволи да го искористам мотото во мојата книга, всушност реченица од нејзиниот роман „Песот со тажен поглед“ – „Зарам тоа што го немаме, не е мерка за она што го имаме?“ Ова е вистинско прашање за сите нас, изјави денеска Димковска.

За издавачкиот центар „Три“ ова е петта награда „Роман на годината“. Лидија Димковска се придружи на низата квалитетни автори, кои во издание на „Три“ претходно го добиле ова признание – Венко Андоновски со „Папокот на светот“ (2000), Кица Колбе со „Снегот во Казабланка“ (2006), Јагода Михајловска-Георгиева со „Индиго Бомбај“ (2008) и Митко Маџунков со „Птиците од ланските гнезда“ (2012).

Лидија Димковска веќе има освоено повеќе награди за нејзината проза, од кои ги издвојуваме – двапати наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и награда на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“. Токму затоа таа сосем заслужено е една од најпреведуваните домашни авторки.

Сподели