Романот „Единствен матичен број“ на авторката Лидија Димковска, наскоро ќе биде објавен и на бугарски јазик. Преводот е на Божидар Манов, а изданието е на „Колибри“ од Софија. Четвртиот роман на Димковска, што кај нас го објави издавачот ТРИ, ја доби наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“.
– Романот „Единствен матичен број“ на Лидија Димковска е едно дело чија што основна идеја ги носи во себе обележјата на актуелноста. Преку историјата на едно семејство, Димковска се нафаќа да ја претстави, во сета нејзина трагика, едната од индивидуалните и колективните судбински состојби толку карактеристични за нашата епоха: ситуацијата на егзилот. Присилното губење на татковината, на родниот дом, на делот од сопственото постоење проникнато со безброј врски кои го спојуваат поединецот со неговото потекло, добива во романот на Димковска своја конкретна, мошне индивидуализирана посебност. Со поседување на мошне развиено чувство за детаљ, со изострена перцепција за вкусот на времето, со умешност за карактеризација на ликовите, во рацете на Лидија Димковска општата идеја на откорнатоста и обездоменоста се материјализира во конкретни животни судбини кои ја носат во себе својата несомнена животна убедливост. Низ поимот на „пустелија“ , мошне често повторуван низ оваа проза, сугерирана е, со една голема доза на емотивна ангажираност, суровата стварност во која живеат личностите на романот – стоеше, меѓу другото, во образложението за наградата.





