Проектот од програмата „Еразмус+“ предвидено е да трае 3 години, со вкупен буџет од 993.581 евро, а во него учествуваат 16 партнери од земјите на Западен Балкан и земји од Европската Унија

Развој на вештини на студентите, олеснување и потврдување на нивните компетенции во формални и неформални контексти за учење се во фокусот на е-ВИВА, проект од програмата „Еразмус +“, вели д-р Mирјана Борота-Поповска, редовен професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На Институтот вчера се одржа инфо ден на кој беше претставен проектот за градење на капацитети во високото образование, предводен од Европскиот универзитет во Тирана, Албанија. Предвидено е проектот да трае 3 години, со вкупен буџет од 993.581 евро, а во него учествуваат 16 партнери од земјите на Западен Балкан и земји од Европската Унија како Германија, Австрија, Португалија.

Проф. д-р Mирјана Борота-Поповска (прва од десно кон лево)

– Станува збор за успешно меѓународно вмрежување на навистина голем број високо-образовни и научни институции. Целта на е-ВИВА е да создаде мешан пристап за учење за да се олесни и потврди развојот на услужно (сервисно) ориентираните компетенции, поврзани со неформални контексти за учење во високообразовните институции и контекстите за учење на работното место. Како појаснување, услужно (или сервисно) ориентираните компетенции се неопходни во сите организации, како во јавниот, така и во приватниот сектор – вели Борота-Поповска во интервјуто за Умно.мк.

Кому е наменета програмата е-ВИВА, кој сè ќе може да ја користи?

– Намената е за професорите, студентите и за бизнис-заедницата. Кога станува збор за оценка на квалитетот на образовниот процес, работодавците често велат дека или недостигаат одредени занимања или студентите/учениците се тешко вработливи. Под „вработливост“ се мисли на подготвеност за работа, поседување вештини и знаења, на односот и разбирањето на индустријата, што ќе им овозможи на дипломираните студенти продуктивно да придонесат за реализација на организациските цели, многу брзо по нивното вработување.

Истражувањата поврзани со вработливоста на младите во земјите од Западен Балкан покажуваат дека дипломираните студенти често имаат потежок премин од светот на студирањето во светот на работата, за разлика од нивните врсници во земјите на ЕУ. Потребен им е подолг период да се прилагодат на работата и честопати дополнителна обука во извршувањето на работните задачи. Ваквата состојба се должи на: недоволен квалитет на образовните исходи или резултатите од учењето, нерелевантноста на образовните исходи/резултати од учењето во однос на потребите на пазарот на трудот, сè уште ограничените врски со индустријата и светот на работата…

Од инфо-денот на ИССПИ

Поради сево ова, еден од специфичните цели на проектот е градење на пристапи за поттикнување на пропустливост помеѓу високото образование и професионалната пракса. Идејата е да се дополнат образовните курикулуми (наставни програми) со пристап кој ќе развива услужни компетенции кај студентите. За оваа цел, во рамки на проектот, студиската програма од втор циклус по менаџмент на човечки ресурси веќе модифицираше дел од силабусите. Студентите во процесот на учење ќе треба да развиваат и работат на практични проекти во рамки на предметот и ќе развиваат услужни и претприемнички компетенци. За таа цел е развиен прирачник за професорите.

Како е конципиран проектот?

– Во рамки на е-ВИВА проектот изградена е 5-степена рамка на компетенции, во која се дефинирани и опишани 15 компетенции. Под компетенција се подразбира синтеза на знаење, вештини и ставови, кои можат да се применат со одредено ниво на квалитет во специфична ситуација. Како централна компетенција на е-ВИВА проектот е „ориентираност кон клиентите“. Следната е „утврдување на идеи и можности“ како вештина која ќе им овозможи на студентите да креираат производи и услуги. „Претприемничката компетенција“ е генерална вештина која ќе им помогне на студентите да креираат претприемнички проекти и потфати. Меѓу овие 15 компетенции застапени се и: решавање на проблеми, проектен менаџмент, планирање, лидерство, комункација, интеркултурна комуникација, тимска работа, флексибилност, критичко размислување, вмрежување, проценка и креативност. Секоја компетенција е накратко опишана и тоа од три аспекти што студентот треба да: знае; да биде способен да направи; какви ставови да развива во однос на опишаната компетенција. Оваа рамка овозможува да се планира формалното, неформалното и информалното образование на студентите.

Како студентите ќе можат да маневрираат и да ги надградуваат своите компетенции и можности со помош на системот?

– Планирањето на потребите од доусовршување на компетенциите е овозможено со 5-степениот систем на оценка, односно секоја компетенција има пет степени на оценување на развиеноста од ниво на „почетник“ до ниво на „компетентен“. Првиот степен е основно знаење/почетник. Вториот е знаење зошто е потребна компетенцијата. Третиот степен е да знае како да ја употреби. Четвртиот степен е да знае индивидуално да ја применува кога е потребно. Петтиот и највисокиот степен е да ја употребува компетенцијата на стратешко ниво, да знае да направи проценка и план за компетенцијата, како за себе, така и за другите луѓе.

Дали постои можности за интердисциплинарност – нешто што сè повеќе недостига во нашиот крут формален образовен систем?

– Врз основа на изградената рамка за компетенции и 5-степениот систем на оценување, се разви софтвер за развој и валидација на услужно ориентирани компетенции. Овој софтвер ќе овозможи примена на е-Вива систем за проценка и евидентирање на компетенциите. Истиот ќе им помогне на студентите да си го измерат степенот на компетенции и да знаат која компетенција треба да ја доразвијат било тоа да е со формално или неформално образование. Воедно ќе помогне и на идните работодавачи да имаат конкретна слика за нивото на компетенциите кај вработените и да направат идни планови за дообучување и образование.
Се разбира дека овој современ пристап има развојна димензија и обединува повеќе различни дисциплини, кои подразбираат работа/управување со луѓе и организации (менаџмент, менаџмент на човечки ресурси, претприемништво, бизнис, маркетинг), со поддршка на ИКТ.

Како овој систем на надградба на личните компетенции е поврзан со потребите на пазарот на трудот? Колку е поврзан со реалните потреби во стопанството, економијата и останатите сектори?

– Специфична цел на е-ВИВА проектот е и воспоставување одржлива соработка помеѓу релевантни целни групи и засегнати страни: студенти, професори, бизнис, како и учесниците на неформалното и информалното образование. Поради тоа очекувани резултати од проектот се:
– 300 студенти да ги зајакнат и потврдат услужно ориентираните компетенции;
– 45 вработени во академска средина да ги развијат своите наставни вештини на мешани методологии на учење и практики, ориентирани кон компетенции;
– развој на наставните програми ориентирани кон компетенции;
– зголемена употреба на EQF како составен дел од поставките за учење во формалните средини за учење.

Покрај мене, во тимот на ИСППИ учествуваат и професорките Марија Топузовска-Латковиќ и Анета Цекиќ кои доследно ги применуваат овие принципи во тековните постдипломски студии по Менаџмент на човечки ресурси.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.