Музичкото доживување ќе започне со концертот за пијано и оркестар во Д мол од Јохан Себастијан Бах, а ќе заврши со современа музика, вклучително авторски дела на Емин и Тристано, која ќе биде надополнета со користење на електроника и звучен дизајн
Музичко патување низ епохите ќе предводи нашиот диригент Џијан Емин со светски познатиот пијанист Франческо Тристано утревечер во 19.30 часот во Филхармонијата во Луксембург. Музичкото доживување ќе започне со концертот за пијано и оркестар во Д мол од Јохан Себастијан Бах, а ќе заврши со современа музика, вклучително авторски дела на Емин и Тристано, која ќе биде надополнета со користење на електроника и звучен дизајн.
Концертот на Луксембург е уште еден од низата на Емин на европската сцена, по успешниот настап во Португалија на Џез фестивалот во Гимараеш, каде имаше авторски концерт на затворањето на престижниот фестивал заедно со Симфонискиот оркестар на Гимараеш. На фестивалот настапија светски имиња од џез сцената како Марија Шнајдер, Лео Вадада Смит, Крејт Таборн, Џеф Балард и други.
Џијан Емин е роден во Скопје. Тој е сестран музичар со големо музичко искуство. Од водач на хорнистите во Македонската филхармонија, до вешто свирење импровизирана музика или џез (на еден од многуте инструменти што ги владее), диригирање на меѓународни оркестри до компонирање и аранжирање партитури за филм и театар, свирење на гитара или клавијатури со рок групи, продуцирање албуми и како уметнички директор на фестивали, тој секогаш додава скапоцен изворен глас и неспоредлива музикалност.
Како еден од водечките современи музичари од Македонија и регионот, Емин стекна голем авторитет низ целиот свет. Неговите соработници вклучуваат светски познати музичари како Дерик Меј, Хуан Аткинс, Џеф Милс, Франческо Тристано, а исто така и уметници добитници на „Оскар“ и „Греми“ како А.Р. Рахман, Курт Елинг, Френк Лондон, Малколм Бурн, Јан Банг, Арве Хенриксен Луис Бонила, Вилијам Паркер, Боб Стјуарт, Франческо Беарцати, Лука Акино, Џанлука Петрела, Фурплеј, Питер Херберт, Дамо Сузуки, „Ер“, Глорија Естефан, Рико Волшебникот (Дафт Панк), Рамбо Амадеус, Дарко Рундек, Кирил Џајковски, Архангел, Феми Кути, Влатко Стефановски и многу други.
Како диригент/продуцент на различни проекти неговата работа е претставена и изведена со Симфонискиот оркестар на Детроит, Симфонискиот оркестар на Мелбурн, Оркестарот L’amoureux од Париз, Симфонискиот оркестар Фландрија од Белгија, Македонската филхармонија, Оркестарот Регионален де Кан, Грузискиот национален оркестар и многу други. Од неодамна е главен диригент на Националиот џез оркестар од Скопје.

Џијан Емин
Тој беше витален дел од многу оркестри, вклучително и Белградската филхармонија, оркестарот No Borders, East West World Orchestra, F.A.M.E.S. Оркестар (како оркестратор и диригент) и многу други. Се појавува на десетици албуми, од кои на десетина како лидер. Има компонирано, оркестрирано и снимено музика за многу играни филмови, театарски претстави и безброј дела за реклами и слично.
За време на студиите на престижната школа „Џулијард“ во Њујорк, Тристано ги поставил темелите на своите амбиции како толкувач на музиката на Бах. Свирел и ги снимил концертите за пијано со неговиот ансамбл The New Bach Players и варијациите Голдберг (кои се наоѓаат под малата етикета Accord). Набргу потоа со француската издавачка куќа Infiné ги објавил своите први плочи во комбинација со електроника и пијано: Not for Piano (2007), каде што создал верзии на техно-химни како The Bells на Џеф Милс или Strings of Life на Дерик Меј на пијаното; Auricle Bio On (2008), каде пијаното е замислено како семплер и Idiosynkrasia (2010), во кои тој беспрекорно ја спои својата виртуозност на копчињата и неговата програмска вештина, усовршувајќи го својот концепт на „Piano 2.0“, каде што инструментот достигнува нова текстурална итерација преку употреба на компјутери.
Големиот скок на Тристано се случи во 2011 година, кога со „Дојче Грамофон“ сними три програми инспирирани од неговото искачување како концертен пијанист со меѓународно признание. Првиот беше Бах/Кејџ (2011) – истражување на звучниот простор каде што музиката на Јохан Себастијан Бах и Џон Кејџ коегзистираа и покрај растојанието од три века.

Франческо Тристано
На неговата трета плоча за Deutsche Grammophon, Scandale (2014), која ја сними со Алис Сара От, програмата беше заснована на пијано изведби на дела компонирани од Морис Равел, Николај Римски-Корсаков и Игор Стравински за легендарните руски балети.
Во 2017 година Тристано ја започна својата соработка со Sony Classical, фокусирајќи ги своите напори на издавање на сопственото дело во нова фаза како изведувач на снимање. Во неговиот најнов албум, Tokyo Stories (2019), тој ѝ оддава почит на Јапонија и ги доловува атмосферите и искуствата акумулирани низ годините кога ја посетува земјата како уметник и се потопува во нејзината култура.
Филхармонијата во Луксембург е основана во 1933 година како дел од радиодифузните активности на Радио Луксембург (РТЛ) и е јавно управувана од 1996 година. Субвенционирана од Министерството за култура на Големото Војводство и финансиски поддржана од Градот Луксембург. Оркестарот е спонзориран од Banque de Luxembourg, BGL BNP Paribas и Mercedes-Benz. Од 2010 година, виолончелото „Le Luxembourgeois“, изградено од Матео Гофрилер е на располагање на оркестарот, благодарение на дарежливата поддршка од BGL BNP Paribas. Од сезоната 2022/23, една виолина од Џузепе Гуарнери филиус Андреае и една од Џенаро Гаљано се свири во оркестарот, великодушно позајмени од фондацијата Розмари и Хартмут Швиеринг.





