Британската амбасада во Скопје ја одбележа премиерата на новиот филм за Џемс Бонд „Не е време да се умре“ (No Time to Die) завчера во киното „Синеплекс“, заедно со пријатели од филмската индустрија, културната дејност и бизнис-секторот од Обединетото Кралство и од Македонија. Ова е 25. филм за Џемс Бонд, а самиот бренд е стожер на британската филмска индустрија, велат од амбасадата.

„Не е време да се умре” го држи и рекордот на најдолг филм за Бонд, со времетраење од дури два часа и 43 минути. Филмот има и најголем број прикажувања во киносалите од сите други филмови во историјата на Обединетото Кралство, односно имаше прикажувања во 772 киносали со повеќе од 9.000 претстави дневно.

На настанот амбасадорката Рејчел Галовеј носеше креација изработена од одржливи материјали што го дизајнираше еден од студентите по моден дизајн кои учествуваа на Ревијата на одржлива мода во организација на Британската амбасада Скопје како дел од овогодинешните прослави на роденденот на Кралицата Елизабета Втора.

Филмот за Џемс Бонд предизвикува големо внимание и се прикажува во „Синеплекс“ и во киното „Милениум“ во Скопје.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.