Режисерката од Нов Зеланд, Џејн Кемпион е првата жена во историјата на филмските награди „Оскар“, што добила две номинации за „Оскар“. По огромниот успех со „Пијано“, нејзиниот филм „Моќта на кучето“ доби дури 12 номинации за филмската награда, меѓу кои и за режија. Комичарот и актер Лесли Џордан и актерката/извршен директор/продуцент Трејси Елис Рос вчера ги објавија номинациите за „Оскар“ во сите 23 категории. 94. доделување на наградите е закажано за 27 март во театарот „Кодак“.
Филмот „Моќта на кучето“ (The Power of the Dog) е на „Нетфликс“ и претставува ревизионистички вестерн кој го користи овој жанр за да ја истражи токсичната машкост. По број на номинации, со две помалку зад него е „Дина“, адаптацијата на популарниот научно-фантастичен роман за кој некогаш се веруваше дека не може да се пренесе на големото платно. „Приказната од Западната страна“ и „Белфаст“ добија по седум номинации.
Со номинацијата за „Приказни од Западната страна“, Стивен Спилберг постави нов рекорд. Имено, тој досега продуцирал дури 11 филм номинирани за најдобар филм. Нов рекорд на овие „Оскари“ постави и Кенет Брана, кој е првиот што има номинации во дури седум различни категории.
Филмот „Кралот Ричард“ освои шест, а по четири номинации имаат: Не гледај нагоре, Алејата на кошмарите и Вози го мојот автомобил.
Ќе му се насмее ли конечно „Оскар“ на Вил Смит? Сцена од „Кралот Ричард“
За најдобри филмови номинирани се: Белфаст, Кода, Не гледај нагоре, Вози го мојот автомобил, Дина, Кралот Ричард, Локор пица, Алејата на кошмарите, Моќта на кучето и Приказна од Западната страна.
Во категоријата за најдобар актер ќе се натпреваруваат: Хавиер Бардем, Бенедикт Камбербач, Ендрју Гарфилд, Вил Смит и Дензел Вашингтон. За најдобра актерка номинирани се: Оливија Колман, Пенелопе Круз, Никол Кидман, Кристен Стјуарт и Џесика Честејн.
За „Оскар“ за најдобра режија номинирани се: Кенет Брана, Риусуке Хамагучи, Пол Томас Андерсон, Џејн Кемпион и Стивен Спилберг.