Двократни оскаровци – гости на „Астерфест“ во Струмица: Да се сподели „Љубовни маки“ со вас е посебна привилегија!

Во „Љубовни маки“ се работи за младешката психолошка и ментална болест која често се прикажува на мрачен и стигматизирачки начин. Нашата надеж е да споделиме лично и позитивно искуство од внатрешноста на едно отворено психијатриско одделение. И едвај чекаме да го споделиме со сите на „Астерфест“ – вели продуцентката Прузан.

Двократниот оскаровец – продуцентот Ким Магнусон и номинираните за златната статуетка, продуцентката Ребека Прузан и режисерот Александeр Саул, од 1 до 5 август ќе бидат гости на Меѓународниот фестивал на краток и авторски филм „Астерфест“ во Струмица. И на нивна голема чест, тие ќе го промовираат нивното последно дело со наслов „Љубовни маки“.

Ова гостување беше повод за разговорот со данските филмски професионалци – Прузан, Магнусон и Саул. Минатата година, токму данскиот филм „Ивалу“ на режисерот Андерс Валтер, во продукција на („M&M Productions“), каде дел од тимот е и Прузан, ја освои наградата „Златна потковица“ на „Астерфест“. Оваа продукција создава филмови со трајно влијание врз публиката и членовите на жиријата на фестивалот. На прашањето која е тајната да се пренесе привлечен наратив во само неколку минути, а при тоа да не се заборави силниот визеулен аспект, Прузан вели дека искрено посакува да има некоја тајна формула за развој на филмови.

– Бевме пресреќни и почестени кога „Ивалу“ ја освои „Златната потковица“. Да се биде повторно тука и да се сподели „Љубовни маки“ со вас е навистина прекрасно. За мене тоа е комбинација од неколку работи – како ме погодува сценариото, мојот однос со режисерот и темата – дали е тоа нешто што ќе ги смени работите: теми за кои може да биде тешко да се зборува и за кои филмот ни помага да започнеме разговор. Во „Љубовни маки“ се работи за младешката психолошка и ментална болест која често се прикажува на мрачен и стигматизирачки начин. Нашата надеж е да споделиме лично и позитивно искуство од внатрешноста на едно отворено психијатриско одделение. И едвај чекаме да го споделиме со сите на „Астерфест“ во Струмица – вели продуцентката Прузан.

Ким Магнусон е добитник на „Оскар“ за најдобар краток филм за „Хелиум“ и за „Ноќ на изборите“, двата во режија на Андерс Валтер). Тој има уште пет други номинации за „Оскар“.

– Огромна чест ми е што сме повторно селектирани на „Астерфест“, кој ни даде огромно признание во последната деценија откако првпат го наградивте „Хелиум“. Фестивалите се главното прикажувачко место за кратки филмови и не би можел да бидам посреќен што ќе се вратам и ќе го споделам нашето најново филмско дело со вас. „Астерфест“ секогаш ќе биде посебен фестивал за „M&M Productions“ и за нас како екипа – рели Магнусон.

Режисерот Александер Саул раскажува повеќе за приказната и за создавањето на „Љубовни маки“. Пред овој филм, Саул ги создаде „Дарлинг“ и „Валерија“ и тие добија бројни награди и меѓународни признанија. Љубовни маки“ беше избран и на фестивалот „Оденс“ и е премиерно прикажан на повеќе фестивали во 2024 година.

– „Љубовни маки“ е мојот најличен филм досега, за лице со шизофренија и слушни халуцинации. Елијас, главниот лик, не сум јас. Меѓутоа, „Љубовни маки“ се заснова врз мои лични искуства и е мој приказ на животот во отвореното одделение за психијатрија. Целта на филмот е да се дестигматизира ставот што значи да се биде примен на отворено психијатриско одделение и да се има ментална болест. Да се наслика поизнијансирана и ненегативна слика за разлика од онаа која често се среќава во медиумите – вели Саул.

Филмот ќе биде прикажан на 2 август во Амфитеатарот во Струмица.
– Не би можел да бидам посреќен што го започнувам животот на филмот во Југоисточна Европа, со премиера на „Љубовни маки“ на „Астерфест“. Многу сум возбуден и со нетрпение очекувам да учествувам на фестивалот и да се зближам со публиката преку прашања и одговори, како и со мое присуство на придружните настани – завршува режисерот.

Фотографиите се од приватната архива на Ребека Прузан, Ким Магнусон и Александер Саул, како и од „ММ продукции“ и „Астерфест филм фестивал“ (Нивните портрети се направени од Џеми Макарти, Крис Делмас и Лине Свиндт, при што се користени изворите www.bt.dk, Authority Magazine и www.alexandersaul.com)

Сподели