Дводневна регионална младинска, мировна и уметничка средба во Прилеп

„ГеНарација Мир – Уметноста е начинот“ е насловот на регионалната младинска, мировна и уметничка средба која ќе се одржи во Прилеп од денеска до 12 септември во Центарот за култура „Марко Цепенков“. Ќе бидат прикажани две претстави како дел од регионалната младинска средба во која ќе се сретнат млади луѓе од Македонија, Косово и Србија. За двете претстави влезот е слободен, а публиката ќе може да ги проследи со превод на англиски јазик.

Вечерва во 19 часот ќе биде поставена претставата „Заминувања“, колективна драматургија во режија на Драгана Гунин. Претставата обработува четири женски приказни од војната во 2001 од архивата на животни приказни на Мировна акција. Базирана е врз книгата „13 Женски приказни за една војна“ издание на „Мировна акција“ од Прилеп. Претставата беше поставена премиерно во Албанскиот театар во Скопје во 2022 година, а потоа беше изведена и во Куманово. Претставата беше селектирана и на 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 2023, во придружната програма на фестивалот.

Претставата „Татко и Татко“ на Јетон Незирај, во режија на Куштрим Колиќи од Приштина ќе биде изведена утревечер во 19 часот. Претставата има освоено 15 награди, меѓу кои и: награда за најдобра театарска претстава, режија и актерска игра на Фестивалот за уметност и традиционална култура „Етно фест“ во Кукај во 2022. Истата година добила награда за режија и актерска игра на Театарскиот фестивал во Феризај, награда за најдобра оригинална драма и актерска игра на Албанскиот театарски фестивал „Мојсиу“ во Скопје во 2022, награда за најдобра режија, најдобра актерска игра и најдобра театарска претстава на Меѓународниот театарски фестивал во Приштина во 2024.

Настанот заеднички го реализираат Мировна акција (Македонија), Integra (Косово) и Gradjanske Inicijative (Србија), а финансиски поддржан е од Western Balkans Fund.

Сподели