Стипендија и поддршка ќа добијат двајца постдипломци на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје од компанијата „Ван Хоол Македонија“. Договорот денеска го потпишаа деканот на ФЕИТ, проф. д-р Димитар Ташковски и Аврам Стојчевски, генерален директор на компанијата „Ван Хоол Македонија“. Ташковски истакна дека Факултетот продолжува со своите активности за унапредување на својата трета мисија: соработката со индустријата.
– Таа е сè позначајна во современото општество – овозможува трансфер на знаење, иновативни решенија и можности за нови вработувања. При дефинирање на оваа соработка, секогаш во фокусот се нашите студенти. Затоа континуирано ги прилагодуваме нашите студиски програми за потребите на индустријата, а компаниите обезбедуваат практична работа и реални проекти за студентите, донираат опрема и слично. Денешниот договор е пример за таква соработка, со што се обезбедени школарини и стипендии за двајца студенти на магистерски студии кои треба да работат на конкретни истражувачки проекти во самата компанија – вели Ташковски.
Стипендиите се наменети за кандидати од областите „компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика“ и „компјутерски технологии и инженерство“ на ФЕИТ. Освен стипендиите, компанијата ќе ја продолжи досегашната соработка со ФЕИТ при реализација на други проекти.
– Нашата компанија повеќе од две години активно трансферира дел од својето искуство од Белгија од областа на напредни технологии за изработка на возила со нула-емисија на штетни гасови по околината, т.е. на електрични и водородни градски и туристички автобуси. Досега компанијата ширум Европа и САД има пласирано повеќе од 1.200 возила. Преку идентификување на соодветни студиски програми и студенти во фаза на пост-дипломски студии, кои нашата компанија дополнително ќе ги поддржи преку стипендирање и вклучување во истражувачките дејности, ја продолжуваме оваа успешна соработка – рече Стојчевски.