Во МСУ излагаат уметниците наградени на Биеналето на млади

Во Музејот на современата уметност вечерва во 20 часот ќе бидат отворени самостојни изложби на двајца млади уметници – добитници на наградата „Најуспешен автор и дело“ доделена на 14. Меѓународно биенале на млади уметници „Будења“, 2023. Наградата, која се состои од самостојна изложба во МСУ се доделува на двајца автори и нивните дела, кои жирито ги избра за најубедливи достигнувања претставени на минатогодишнотo биенале. Ќе бидат поставени дела од Серхат Емрулаи од Македонија, победник на Биеналето за инсталацијата „Помеѓу“ и Наџа Крачуновиќ од Србија наградена за видеоперформансот „Хидра“. Куратори на изложбите се Ива Димовски, Бојана Јанева и Никола Узуновски.

Самостојната изложба и перформанс на Крачуновиќ е „Во име на мајката, во презиме на таткото“. Таа го испитува музејот како радикално место, каде традицијата се среќава со современиот живот на бракот, како отпор наместо социјална норма, и меѓугенерацискиот однос мајка-ќерка. Крачуновиќ се занимава со женското наследство од двата родители и нуди стратегии за опстанок во патријархалните општества, кои го третираат актот на бракот како акт на отпор.

Емрулаи ќе се претстави со „Се селиме на нова локација“. Тој вешто ја интегрира уникатната архитектура на музејот во личнен авторски наратив, претворајќи го просторот во клучна компонента од уметничкото дожувување. Со тоа, посетителите се вовлечени во внимателно трасираниот пат преку просторен дизајн, промислено осветлување и симболични материјали, за да се предизвика длабока ангажираност кај посетителите за теми како што се родовите улоги, економските превирања и демографските промени.

Сподели