Две премиери на филмот „М“ на Вардан Тозија во САД

Македонскиот филм „М“ на режисерот Вардан Тозија влезе во официјална конкуренција на два престижни филмски фестивала: Интернационалниот филмски фестивал на научна фантастика во Бостон и Интернационалниот фестивал „Ноќи на стравот“ во Висконсин.

Фестивалот во Бостон е основан во 1976 година што го прави втор најстар жанровски филмски фестивал во САД. Во првите години на постоењето во киното „Орсон Велс“ премиерно биле прикажани култни остварувања како „Денот кога земјата застана“, „Војна на световите“ или првото издание на дотогаш се’ уште непознатиот „Војна на ѕвездите“. Денес, фестивалот се одржува во кинокомплексот „Сомервил“ и пред американската публика прикажува и промовира ограничен број на жанровски филмови од американската и интернационалната филмска продукција.

Фестивалот „Ноќи на стравот“ се одржува во Висконсин и има цел да открива филмски остварувања со дистописка, фантастична и хорор тематика од меѓународната кинематографија. Во своето 16-годишно постоење, овој фестивал промовирал режисерски имиња како Мајк Фланаган (Absentia, Oculus, Fall of house Usher), Грег Никотеро (Walking Dead, Mist), Адриан Гарсија Боглијано (Late Phases, Black Circle) и многу други.

Сподели