Интернационалниот филмски фестивал и форум за човекови права што се одржа во Женева го награди филмот „Вера сонува за морето“ во режија на Калтрина Красниќи со две награди. Во натпреварувачката програма на играни филмови, доби  Гран при од жирито, а наградата ја подели заедно со филмот од Хаити – „Фреда“. „Вера сонува за морето“ ја доби и наградата на младинското жири.

Фестивалот за човекови права е еден од водечките меѓународни настани посветени на филмот и човековите права. Во изминатите 20 години, тој се одржуваше во срцето на Женева, главниот град на човековите права, паралелно со годишната главна сесија на Советот за човекови права на ОН.

– Автентичноста на ова дело ја прикажува ситуацијата на семејствово и жената во Косово и на Балканот, што соодветно, беше длабоко убедлива за членовите на жирито. Инспирирани од сопственото искуство на режисерката, храброста и издржливоста на главните ликови, ни даваат надеж за подобар свет за сите оние кои се борат за правда, еднаквост и мир. Филмот постигнува величествен баланс помеѓу естетизмот и реализмот – велат жиријата на наградите.

„Вера сонува за морето“ е копродукција помеѓу Косово, Македонија и Албанија. Освен од македонската Агенција за филм, овој филм доби поддршка и од Филмските центри на Косово и на Албанија. Филмот ја раскажува приказната за Вера, преведувач на знаковен јазик, која по самоубиството сопругот, реномираниот судија, Фатмир Гаши, се наоѓа во ситуација самата да преговара за иднината на нејзината ќерка и внука со традицијата и државата, во момент кога сите ги презираат жените како нив.

Во филмот главната улога е Вера, што ја толкува актерката Теута Ајдини-Јегени, а играат и: Рефет Абази, Алкета Силај, Астрит Кабаши и др. Сценариото е на Дорутина Баша, кинематографер е Севдије Кастрати, монтажер е Владимир Павловски, а снимател на звук е Игор Поповски, Композитор на филмот е Петрит Чеку, дизајнер на звук е Дарко Спасовски, а продуцент од Македонија е Огнен Антов.

„Дрим Фектори“ е продукциска куќа основана од Огнен Антов во 2007 година. Во своето филмско портфолио вклучува дела на светски познати режисери како и млади режисери чие време допрва доаѓа, а кои се прикажани на најголемите фестивали во светот.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.