Краткометражниот филм „Дали си маж“ на режисерот Ѓорче Ставрески доби две награди на Филмскиот фестивал „Парадизо“ што се одржува на Сицилија. Филмот доби награда за најдобро сценарио и најдобар филм со социјална тема.
Во одлуката за најдобро сценарио се вели дека филмот е мајсторски режиран и раскажува убава приказна што ја дочекале со ентузијазам.
– Наградата е за неверојатната способност да се синтетизира игран филм за неколку минути. Заплетот на филмот почнува прекрасно, со раскажувачки хипермажествен поглед без воопшто да ни биде досадно, всушност, прави горко да се насмевнуваме благодарение на ликовите и дијалозите напишани без извртување зборови, па дури ниту читање меѓу редовите – велат од комисијата.
За наградата за најдобра социјална тема, „филмот нè предизвика со темата за токсична машкост и злоупотреба на алкохол, осудувајќи го овековечувањето на деструктивните шеми наследени од татковците. Филмот се занимава со конфликтот помеѓу општествениот притисок и родителската одговорност, прашувајќи што навистина значи да се биде маж и татко. Финалето дава некаква надеж, покажувајќи дека детето-протагонист нема да го повтори циклусот на заблуда што му беше нанесена“, пишува во одлуката.