Две награди за „Театар Пи“ на Златко Митрески и Македонка Илиевска на фестивал во Софија

Актерите Златко Митрески и Македонска Илиевски освоија две награди за нивната претстава „Ништо не е страшно“ на Фестивалот на авторски театар што се одржа во Софија. Тие учествуваа со претставата „Ништо не е страшно” и освоија две награди во голема конкуренција на професионални театри како „Сатиричниот театар од Софија, Театар 199, Vox Populi, Театар „Драмеди“ и други.

Првата награда е за најдобра режија за Митрески и Илиевска, а втората – за синергија за актерска игра за истата претстава. Во претставата учествуваат лица со интелектуална попреченост од ЦПЛИП „Порака“ од Скопје.
ФАТ е еден од најавтентичните фестивали за авторски театар на Балканов кој се одржува во Регионалниот центар за современа уметност „Топлоцентрала“ во Софија и е во организација на здружение „Творци“ и театарот „Драмеди“.
На фестивалот актерот Златко Митрески одржа театарски работилници за методот и начинот на создавање на авторски театар, како и проекција на документарниот филм на Театар Пи „Прозорците што се смеат“.
Гостувањето на „Театар Пи“ го помогнаа и Културно-информативниот центар на Македонија во Софија,  Сашко Насев, „Адора инженеринг“ од Скопје и претставништво на „Витаминка” од Прилеп во Софија, како и градоначалникот на Ѓорче Петров, каде работи театарот, Александар Стојковски.

Сподели