Две книжевни трибини во КИЦ

Две книжевни трибини ќе се одржат денеска во Културно-информативниот центар во Скопје. Првата – „Книжевната сцена во современиот културен контекст“ е закажана за 12 часот, а час и половина подоцна ќе почне дискусијата на тема „Детска книжевна продукција“.

Говорници на првата дебата се авторот Петар Андоновски, Живко Грозданоски, автор и книжевен преведувач, Јулијана Величковска, авторка, уредничка во „ПНВ Публикации“, директорка на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмска директорка на „Поетска ноќ во Велестово“ и Владимир Јанковски, автор и уредник во издавачката куќа „Готен“.

Говорници на втората се проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, Ника Гавровска, авторка и уредничка во издавачка куќа „Гаврош“ и Бистра Георгиева, авторка. Тие ќе зборуваат за литературата за деца со акцент на важноста од едукативната компонента, педагошката функција на литературата и уметноста, следењето на современите светски текови на детската продукција во рамки на литературата и илустрацијата и друго.

Модераторка на двете е Ана Јовковска, авторка и новинарка која ја организира дебатата во рамките на програмата за литературна дејност „Македонски книжевни текови“ на КИЦ.

Сподели