Две изведби на балетската претстава „Ана Каренина“ најавува Националната опера и балет за утревечер (23 јуни) и 26 јуни на својата сцена. Станува збор за балет во два чина на одбрана музика од рускиот великан Петар Илич Чајковски.
Преку современите кореографски решенија сoединети со класичен балет на Лео Мујиќ од Хрватска, минималистичката, но ефектна сценографија, прекрасните костими на Александар Ношпал, ќе видиме едно интересно визуелно, динамично и полно со страст балетско видување на познатиот роман „Ана Каренина“ на големиот руски писател Толстој, најавуваат од Балетот.
Во главните улоги ќе настапат: Мими Поп Алексова Атанасовскa (23.6.), Марија Кичевска Шокаровска (26.6.), Бобан Ковачевски (Балаж Лочеи, Унгарија), Гиљерме Алвез (Португалија).
Настапуваат истакнати солисти, солисти и целиот балетски ансамбл на Националната опера и балет.
Алвез (1989) е роден во Лисабон, Португалија. Дипломирал во 2007 година на конзерваториумот во Лисабон и со стипендија од Фондацијата Калуст Гулбенкијан студирал две години на Танцовата академија во Цирих под раководство на Оливер Мац. Во 2009 година се приклучил на Финскиот национален балет каде ги танцувал улогите: Des grieux во „Манон“ на Кенет МекМилан, Бено во „Лебедово езеро“ на Кенет Грев, Гурн во „Силфида“ на Август Бурнонвил и многу други балети од Кранко, Форсит, Нахарин …
Во 2011 година се приклучува на Хрватскиот народен театар како солист, а во 2017 година унапреден е во првенец.
Настапувал и во многу земји низ светот како Русија, Јапонија, Италија, БиХ, Србија, Бугарија, Словенија, Португалија, Домениканска Република. Исто така настапувал и на галата на Владимир Малахов во Украина.
Добитник е на златен медал во сениорска категорија на Меѓународниот балетски натпревар „Танцолимп“ во Берлин. Добитник е и на наградата „Оскар Хармос“ за неговото уметничко достигнување во сезоните 2013/14, 2018/19 и 2021/22 во Хрватскиот народен театар во Загреб.