Два бронзени медали освоија нашите учесници на 53. Меѓународната олимпијада по физика што деенска завршува во Јапонија. Мајкл Георгиевски, ученик во четврта година во СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ од Кавадарци и Јан Стојановски, ученик во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“ од Скопје се закитија со бронзени медали. Пофалници освоија Матеј Гелев, ученик во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“ – Скопје и Емилија Николовска, ученичка во трета година во Математичко – информатичка гимназија – Скопје.
Куриозитет е што Јан Стојановски учествуваше и на Интернационалната математичка олимпијада што заврши пред некој ден исто така во Јапонија и освои пофалница.

На оваа олимпијада во тимот учествуваше и достојно го покажа своето знаење и Кристијан Шишкоски, ученик во четврта година во „Св. Климент Охридски“ – Охрид, велат од Друштвото на физичарите на Македонија што го организираа нашето претставување.
Водачи на тимот беа проф. д-р Ламбе Барандовски, вонреден професор на ПМФ во Скопје и проф. д-р Боце Митревски, редовен професор на ПМФ.

– ДФРМ се заблагодарува на водачите на тимот, на луѓето од Институтот за физика при Природно – математичкиот факултет во Скопје, кои беа вклучени во подготовката на тимот, на сите наши пријатели кои ја подржуваат работата со надарените физичари во Македонија, како и на оние кои го помогнаа учеството на тимот на оваа олимпијада: Технолошко индустриски развојни зони, Агенцијата за млади и спорт и ТЕЦ Неготино. Честитајќи им го успехот искрено веруваме дека уште многу пати ќе не направат горди со нивните идни академски постигнувања – велат од Друштвото.





