Два тима млади ќе ја претставуваат Македонија на глобалниот предизвик „Генерација без граници“

Два тима млади иноватори ќе ја претставуваат Македонија на глобалниот предизвик „Генерација без граници“. Тие беа избрани од петте кандидати тима што беа составени од млади од 16 до 24 години, кои ги презентираа своите идеи за справување со климатските промени преку користење дигитални технологии. Според жирито, најдобри беа тимовите Bio Techno Logic и Green Hot Chili Peppers.

Тимот на Bio Techno Logic создаде автоматизирана и дигитална корпа за органски отпад, која во својата крајна фаза ќе произведува природен биохумус. Од друга страна, тимот на Green Hot Chili Peppers имаат идеја за заштита на животната средина преку изработка на посебна корпа, која самостојно го селектира отпадот и притоа произведува електрична енергија.

Bio Techno Logic е составен од: Ангела Исовска, Михаела Петровска и Јован Дејаноски. Тие работа на соил бин – автоматизирана и дигитална корпа за органски отпадоци, во која отпадот потоа се разградува со помош на калифорниски црви, со што се добива природен биохумус. Со автоматизацијата на процесот на одржување, за функционирање на биоразградувањето, кантата ќе биде едноставна за одржување, со што ќе биде прифатена и применета во домаќинствата и индустријата, а со мобилна апликација ќе може да се управува со уредот и кога не сме до него.

Никола Коцевски, Љубица Ристовска, Кристина Цоковска, Јован Симоновски и Теодора Петровска се членови на Green Hot Chili Pepers. Тие се млади студенти-иноватори, екологисти и ентузијасти. Суштината на нивната идеја е трајно решавање на проблемот со отпадот, соакцент на делот за селекција. Тие развиваат решение за паметна-корпа, која со сензори ќе го селектира отпадот во неколку категории и на истата ќе бидат поставени соларни панели, со што продуктот ќе биде енергетски ефикасен. Дополнително, ќе изработат мобилна апликација која ќе ги мотивира граѓаните да селектираат, така што тие ќе добиваат одредени поени и придобивки.

Како резултат на иновативните идеи, стручното жири одлучи да награди уште еден тим, со парична награда од 2.500 евра (за унапредување на идејата) и менторска поддршка. Имајќи предвид дека модната индустрија е одговорна за 10 отсто од глобалната емисија на CO2, Oh Swapp Team планираат изработка на мобилна апликација за размена на облека и книги.

Младинскиот предизвик се реализира преку партнерство наУНИЦЕФ и Фондацијата „Телеком за Македонија“. Годинава предизвикот го спроведе Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21.
Идеите на младите ќе придонесат за заштита на животната средина, како на национално, така и на глобално ниво.

– Среќни сме што создаваме можности за да развивате идеи за справување со можеби најголемата закана за нашата иднина – климатските промени. Продолжете да верувате во себе и во своите идеи, продолжете да барате одговори и решенија за проблемите што сакате да ги снема. Сите големи иновации започнуваат како идеја и подготвеност за дејствување и јас сум горда што го гледам тоа кај вас денес – рече Патриција ДиЏовани, претставничката на УНИЦЕФ.

Леа Липша од Фондацијата „Телеком за Македонија“ ја истакна поддршката која континуирано ја обезбедуваат за социјалните иновации и младински идеи. Таа ги повика младите да веруваат во себе и да ја искористат дадената шанса.

– Ние во повеќе наврати сме покажале дека имаме млади луѓе кои можат да се натпреваруваат со своите врсници во светот и да бидат подобри од нив. Технологијата е најдобрата алатка да се справиме со предизвиците денес, искористете ја и покажете му на светот каков потенцијал имаме – истакна Липша.

Годинава предизвикот го спроведе Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21. Оваа организација реализираше теренска и дигитална кампања, со што ги информираше младите за начинот на аплицирање на овој предизвик. На јавниот повик пристигнаа 40 апликации, од вкупно 127 средношколци и студенти.
Зорица Велковска, ко-основач на БЛИНК 42 – 21 истакна дека организацијата веќе десет години работи со младите, а континуирано се креираат и дигитални алатки кои го олеснуваат секојдневното живеење на сите граѓани.

Сподели