Два расказа од збирката „Скопје во високата зона“ од Калина Малеска

Збирката раскази „Скопје во високата зона“ од Калина Малеска е дел од едицијата „Проаза“ на издавачката куќа „Или-Или“

Легендата за Високата зона

Авторите на „Зоната на самракот“ и на други алтернативни светови и димензии во книгите и филмовите не успеале да смислат таква зона како онаа што постои во реалноста на Скопје – тоа е Високата зона. Таа зона-димензија се протега над четвртите катови во Аеродром и Ново Лисиче, но во неа не може да се влезе низ просторот, туку само низ временски процепи, наречени денови кога се исклучува водата, што се појавуваат ненајавено и чија зачестеност не може да се објасни со егзактните науки. Суштествата што живеат во Високата зона се почудесни и поневеројатни од сите други битија смислени во фантастичните и научнофантастичните приказни, зашто тие се единствени што можат да живеат без основната состојка на животот во целата позната вселена – водата. За Високата зона се раскажуваат многу легенди, но за да станете сведоци на уникатните и ненадминати начини на приспособување на битијата што живеат овде, ве поканувам некогаш да ја посетите – Висока зона.

Колачиња од Шкофја Лока

Неодамна, во разговор со еден пријател, се потсетив и му раскажав, дека кога бев дете, дома имавме една книга со рецепти со наслов Југословенска кујна, во која имаше рецепт за колачиња од Шкофја Лока. Убаво ја паметам сликата на големи чоколадни лепчиња со интересни везови од течно чоколадо врз нив. Тогаш, а и долго потоа, мислев дека колачиња од шкофја лока (ги паметам со мала буква, иако зборовите, веројатно, биле напишани со голема) е нешто слично како колачиња од чоколадо, или колачиња од цимет. Бев убедена дека шкофја лока е некоја состојка со која се прават колачиња што изгледаа толку вкусно на сликата. Сè додека години подоцна не дознав дека Шкофја Лока е место.

Денес бевме во Шкофја Лока. Низ тесните калдрмисани средновековни сокаци, преку мостот изѕидан од камени блокови високо над реката, крај двокатните куќи на чии прозорци неизоставно стојат саксии со цвеќиња, до замокот на врвот од брдото. На враќање, седнавме да се одмориме во една слаткарница. Кога го пробав сладоледот, си помислив: ова е најубавиот сладолед што сум го јадела во животот. Со секој залак се прашував од што ли е направен за да биде толку вкусен.

И тогаш се сетив: па, се разбира, од состојката шкофја лока.

Сподели