Македонски и бугарски поетеси од денеска до сабота ќе одржат заеднички поетски митинг во рамките на 13. издание на „Македонската книжевна визита во Софија“. Организатор на манифетсацијата е книгоиздателството „Макавеј“ во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Софија, а со помош на нашето Министерство за култура.

Ќе учествуваат 12 македонски и бугарски поетеси: Надја Попова, Сузана В. Спасовска, Роза Бојанова, Наташа Сарџовска, Анжела Димчева, Сузана Мицева, Наталија Недјалкова, Ана Стојановска, Поли Муканова, Ива Дамјановски, Емилија Авгинова, Билјана Стојановска, Виолета Христова, Гордана Стојковска Јовиќ и Маја Панајотова. Ќе биде промовирано и специјалното антологиско издание на „Макавеј“ – панорамата на современи бугарски поетеси со наслов „Лирските музи на Бугарија“ а ќе го промовираат македонскиот поет и литературен критичар Бранко Цветкоски и бугарската поетеса Роза Бојанова.

Целта на средбата е афирмација на македонската литература во Бугарија и вмрежување и соработка меѓу македонските и бугарските поети и издавачи. Годинашната средба ќе почне со книжевен портрет на современиот македонски поет, реномиран преведувач и универзитетски професор д-р Зоран Анчевски, за чие поетско творештво ќе говори македонскиот поет и универзитетски професор д-р Владимир Мартиновски. Ќе бидат презентирани стихови од Анчевски на македонски и на бугарски јазик, а поздравна беседа ќе има и претседателката на Бугарскиот ПЕН-центар Здравка Евтимова.

Наградата „Македонски книжевен Дедал“ ќе му биде врачена на преведувачот и писател Марјан Петров, кој во својот опус има близу дваесетина преведени книги од македонски писатели на бугарски јазик. Ќе биде промовирана и книгата „Создавање“ од македонскиот дипломат, општественик и писател Марјан Ѓорчев, која неодамна се појави и на бугарски јазик. Учесниците на манифестацијата ќе ја посетат спомен-куќата на Пејо Јаворов.

Насловна фотографија: Архива на Македонскиот КИЦ во Софија

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.