„Дури мајка шие копче“ од Димитар Башевски

Тоа е цртеж со молив
Наспроти тесниот прозорец.

Таа седи со мојата кошула во скутот
Една линија фатена на краевите со два прста –
Конецот точно измерен од искуството.

Потоа гледа низ отворот на иглата –
Далеку дури до бреговите на планината
Можеби го гледа нејзиниот дрвар
Пред врелиот здив на коњот
Или оној миг на фотографирање
Кога ја стегале чевлите на свадбата.

Јазолот е заврзан на конецот
Иглата се провира низ копчето
Напред, сега треба повторно назад
Да се сошие љубовта за тагата
Тагата го има оној јазол кој држи
И последен кој попушта.

Што мисли мајка дури шие копче
Зошто плаче мајка дури шие?

Една линија се исцртува нагоре –
Конецот до нејзините стиснати усни
Таа најпосле го кине со заби, како
Папочната врвца кога сум се родил.

Насловна фотографија: Pixabay

Сподели