Дури 16 години чекав за интервју со Филип Глас, со кое ја почнувам „Уште музика, уште муабети“

Примарна цел преку изборот и уредувањето на книгата беше да се покаже ширината на светот на музиката, визуелните уметности, книгите, филмовите и како овие работи се поврзани на очигледни и не толку очигледни, суптилни начини. Примарно беше да дојдат до израз приказните кои се раскажани, да биде интересна за читање – вели Георгиевски.

„Уште музика, уште муабети“ е насловот на новата книга со интервјуа на музичкиот новинар Ненад Георгиевски, што ќе биде промовирана вечерва во 20 часот во кафулето „Глуво куче“ во Скопје. Седумдесетина интервјуа со светски и домашни ѕвезди се застапени во третата книга на Георгиевски, чиј издавач е „Полица“. За предизвиците како да се направи избор при плејада интервјуа низ годините на кариерата на Георгиевски, разговараме со него.

„Уште музика, уште муабети“ ќе им се придружи на двете претходни Ваши дела со интервјуа. Што ќе донесе новата книга?

– Книгата е трета по ред збирка со интервјуа со најразлични луѓе, односно музичари, режисери, новинари, писатели, фотографи, дизајнери кои ги обединува една тема – музиката. Но тоа е само една појдовна точка од која понатаму темите се разгрануваат во други насоки и опфаќаат други поттеми поврзани со нивната работа, креативност, животи. Тие разговори се како фотографии за некои работи кои биле интересни во моментите кога сум се сретнал и зборувал со овие луѓе. Се работи за 70-ина интервјуа со навистина посебни луѓе чии дела и разговори првенствено ги ширеа моите хоризонти и разбирања и сфаќања и за тоа што го правеле и за времињата во кои живееме. Се надевам дека и за читателите таа ќе има сличен ефект.

Тешко ли е да се направи селекција за тоа што да влезе, а што не во една книга? Дали имавте друг пар очи да помогне околу одлуката?

– Селекцијата не беше тешкo да се направи – имам направено над 200 интервјуа и дури некои разговори изостанаа. Примарна цел преку изборот и уредувањето беше да се покаже ширината на светот на музиката, визуелните уметности, книгите, филмовите и начините на кои овие работи се поврзани на очигледни и не толку очигледни, суптилни начини. Исто така, повеќе од тоа дека има голем број познати имиња, примарно беше да дојдат до израз приказните кои се раскажани, да биде интересна за читање.

Dead Can Dance на концерт во Белград (фото: Данко Страхиниќ)

Затоа и уредувањето и селекцијата беа правени по чувство. Што е тоа што ги поврзува Филип Глас, Стив Рајш, Брајс Деснер со Кронос квартетот? Сите тие работеле заедно со годините и историите им се преплетуваат, покрај тоа што се гиганти на современата музика. Што е тоа што ја поврзува Лиса Жерар, Брендан Пери со Наташа Атлас и ред други? Дури книгата има и претходно необјавени разговори со џез гиганти како Рон Картер и Џек Деџонет, Џон Патитучи, Бобо Стенсон или Торд Густавсен. Веројатно е тоа професионална деформација кога после толку време не сакате средби со некои луѓе или одење на настани да поминат недокументирано. Во книгата се присутни и разговори со наши „дејци“ како Гоце Стевковски, Крсте Роџевски, Киро Трачер, Сецко, Дине Донеф и новинарот/автор Тошо Филиповски кои фрлаат светло на нивните проекти и идеи кои ги придвижиле тие проекти.

Георгиевски со Филип Глас

Посебно ми беше драго што со Тошо Филиповски успеавме да се најдеме за разговор за неговите дела со неговите енциклопедии кои фрлаат светло врз историјата на македонската музика. Во книгата има поглавје со интервјуа со реномирани новинари/автори како Алан Лајт, Бред Толински и Барни Хоскинс. Алан Лајт е автор на книги за Леонард Коен, Џеф Бакли, Џони Кеш, Принц и темите на разговор се за овие луѓе, додека Бред Толински е автор на книга со интервјуа со Џими Пејџ од „Лед Цепелин“. Неговата книга е најблиското нешто што ќе го добиеме како автобиографија од Пејџ. Со Барни Хоскинс темата на интервјуто е исто негова книга за Лед Цепелин „Trampled Underfoot“. Затоа ми беше важен тој разговор со Филиповски во еден ваков контекст да се даде осврт на неговиот труд за нашата култура која е „обединета“ во неговите три книги. Во голема мера македонската музичка историја е непознаница што се однесува за фактографијата бидејќи многу малку книги од оваа област се објавени кај нас, медиумите со својата објава исчезнуваат, историјата паѓа во заборав и книгите на Тошо се откровение на тој план. Човекот рударел за нас.

Џон Патутичи и Ненад Георгиевски

Книга како оваа е колективен потфат, па затоа многумина помогнаа – тимот од „Полица“ помогна со секој технички аспект во процесот, а тука беа и тим фотографи како Татјана Ранташа, Стефан Рајхл, Зденко Петковски, Немања Ѓорѓевиќ и ред други (покрај личната архива) кои помогнаа сето тоа да добие форма каква што треба. И на крајот, тука е Милан Дамјаноски, кој ми е секогаш од помош со свои совети и насоки за кој проект и да се работи.

Имате ли посебно драги интервјуа што се сместени во книгата? Без да се налути некој, но некогаш имаме соговорници на кои посебно се радуваме заради тешкотијата како сме ги добиле, трпението што сме го имале и сл.

– Сите ми се драги. За некои одминало повеќе време, па ги имам и заборавено маките да стигнам и договорам некои интервјуа. Но пречките и случајностите се дел од оваа работа и нивното премостување е нешто што дава шмек на целата приказна – делува како авантура. Можеби едно интервју за кое сум чекал најдолго е тоа за Филип Глас кое и ја отвора книгата. Ми беа потребни 16 години од моментот кога првпат тропнав на неговата врата, па сè до моментот кога и се реализираше разговорот во Малме во 2019. Беше дадено кратко време, но тоа беше искористено најмногу што може. Искрено, ако ми се пружа можност пак би ги интервјуирал овие луѓе, без разлика колку препреки сум морал да поминам или време да чекам. Некои луѓе се како книги во безброј продолженија, односно се полни со приказни и размислувања и после интервју од 15 страни во некоја друг прилика пак би се случило друго со други 15 страни.

Анушка Шанкар – фото: Татјана Ранташа

Каде може да се најде книгата и како ќе се обидете да и ја доближите на публиката?

– За почеток, книгата може да се најде во книжарницата на „Полица“. Тие имаат и онлајн-порачки и може да се порача и оваа и претходните 2 преку нивниот сервис. Како и секоја друга друга работа, ќе се промовира на секој можен начин преку медиумите и промоција за да самата книга со своите содржини дојде до луѓето кои ги интересира ова. После ова верувам ќе се најде и во другите книжарници во градот.

Тошо Филиповски

Веќе неколку години го организирате фестивалот „Скопје синема сити“. Колку сте самиот задоволен од тоа како се плете оваа приказна?

– „Синема Сити“ е приказна која оди рамо до рамо со овие книги. Идејата зад музичките документарни филмови и интервјуата е иста – нешто се случило и овие филмови и интервјуа ви кажуваат како се случило тоа што се случило, но од прва рака – од самите протагонисти. Следната година е амбициозно замислена и „Синема Сити“ ќе влезе во својата осма година. Тимот е мал, но одбран и истраен. Ковид-пандемијата ни ги тестираше силите и решителноста, но истрајавме.

Насловна фотографија: Стефан Рајхл

Сподели