Дрвени остатоци, огништа, печки постари од 8 мелениуми пронајдени на Влахо во Пелагонија

Дрвени остатоци во најраните слоеви археолошкиот локалитет Влахо во Пелагонија, кој датира помеѓу 6.400 и 6.000 година пред новата ера, открија археолозите на годинашните истражувања. Локалитетот кој доби научна потврда дека е меѓу најстарите неолитски населби во Европа, го истражуваа археолози од Центарот за истражување на предисторијата и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Битола.

Екипата годинава истражуваше во контролна сонда во западниот дел на локалитетот за да направи увид во археолошките слоеви и стратиграфската динамика во тој дел од населбата.

– Истражувањето посочи дека ранонеолитските културни слоеви на овој локалитет се присутни во висина од дури 2,70 метри, што е зачудувачки со оглед на неговата старост и краткотрајноста на населбите во оваа етапа. Тоа значи дека во самите почетоци на неолитот, на Влахо се живеело прилично динамично и долго, што соодветствува и со неговата апсолутна хронологија во периодот меѓу 6.400 – 6.000 г. пр.н.е. – вели Гоце Наумов од Центарот за истражување на предисторијата.

Тие евидентирале околу 70 слоеви присутни во археолошката стратиграфија, мноштво подови од можни 16 неолитски градби, градени или обновувани една врз друга. Меѓу нив откриле и остатоци од земуници, огништа и помали печки, бројни фрагменти од садови, алатки, мелници и намерно кршени животински коски.

– Посебен куриозитет се откриените дрвени остатоци во најраните слоеви на населбата, кои се релативно добро сочувани имајќи ја предвид сувата средина во која тие егзистирале. Заедно со археоботаничките примероци, тие ќе подлежат на натамошни анализи за да се утврди нивниот вид и нивната точна старост, која може да упати и на едни од најстарите неолитски дрвени предмети откриени во Европа – вели тој.

Следува втората фаза од проектот во која ќе се вршат радиокарбон, археоботанички, зооархеолошки и дендрохронолошки анализи на органските остатоци и детално ќе се проучува материјалната култура. Повеќегодишните мултидисциплинарни археолошки истражувања на Влахо се дел од соработката меѓу стручњаци од Центарот за истражување на предисторијата, Заводот и музеј од Битола, Германскиот археолошки институт, Универзитетот во Белград, Универзитетот во Базел, Институтот Биосенс, Археолошкиот музеј на Македонија и Федералниот институт за технологија во Цирих. Годинашните теренски истражувања и лабораториски анализи се поддржани од Министерството за култура и туризам и од Германскиот археолошки институт.

Сподели