Драмско читање на култната драма „Ангели во Америка“ од Тони Кушнер, проследено со разговор со режисерот Филип Петковски, ќе се одржи утревечер во 18 часот во просториите на Јуроп хаус Велес. „Ангели во Америка“ е едно од најзначајните драмски дела на современиот театар – силна, емотивна и политички ангажирана приказна што ги отвора прашањата за идентитетот, љубовта, вербата, припаѓањето и стравот. Дејството е сместено во Америка во 1980-тите, во време на ХИВ кризата и длабоки општествени поделби, но темите што ги обработува драмата остануваат вознемирувачки актуелни и денес.
Преку форматот на драмско читање, публиката ќе има можност да го доживее текстот во неговата најчиста форма – фокусирано на зборот, емоцијата и непосредната размена со гледачите. Настанот ќе биде заокружен со отворен разговор со режисерот Филип Петковски, кој ќе сподели размислувања за актуелноста на делото, неговата уметничка интерпретација и улогата на театарот како простор за општествен дијалог.
Овој настан има за цел да создаде безбеден, инклузивен простор за отворена дискусија за ЛГБТИ+ теми и за ХИВ стигмата, користејќи го театарот како алатка за емпатија, разбирање и поврзување. Наместо формален пристап, настанот нуди живо, искрено и човечко искуство што ги отвора чувствителните прашања низ уметноста и разговорот.
Настанот е отворен за сите кои веруваат во моќта на културата како двигател на позитивни општествени промени, a влезот е слободен.
Оваа активност е финансирана со средства од UK International Development на Владата на Обединетото Кралство и од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, во рамки на кои е финансирана претставата „Ангели во Америка“, имплементирана од Хартефакт фондот. Изнесените ставови на овој настан и во оваа претстава се единствена одговорност на авторите и не мора да ги одразуваат ставовите на UK International Development, Владата на Обединетото Кралство, Владата на Швајцарија или на Хартефакт фондот.





