Драмски се прости од своите великани, семејствата револтирани од заедничката комеморација

Драмскиот театар вчера се збогува со своите колеги, театрологот Ристо Стефановски и актерките Сабина Ајрула Тозија, Мајда Тушар и Видосава Грубач. Во присуство на колеги и соработници, но не и на членови на семејствата на театарските великани, низ фотографии и сеќавање за нивните дела и личности, им се оддаде почит. Заедничката комеморација предизвика реакции на незадоволство кај членови на семејствата на театарските дејци, кои се одзваа на социјалните медиуми.

– Ги испративме достоинствено, со говори, колажи од фотографии, видеоинсерти од претстави. Се потсетивме на времињата кога блескаа на сцената. На нашето создавање. На нашите скромни почетоци, на нашите подеми и падови. На претставите кои се изведуваа ширум светот и по повеќе од 300 пати. На крајот им аплаудиравме од срце, со голема љубов и почит. Аплаудиравме за сите нив кои секогаш ќе бидат дел од нас. Затоа што Драмски театар е семејство, а загубата на секој член од семејството подеднакво нè погодува и растажува. Им благодариме на Сабина Ајрула Тозија, Видосава Грубач, Ристе Стефановски и Мајда Тушар за се што направија за Театарот – рекоа од Драмски.

Режисерот Вардан Тозија, на својот фејсбук-профил напиша дека ваквиот начин на збогување со луѓе кои го оставиле својот живот за афирмација на театарот и својата земја, е недостоинствен.

– Како личност која поминала најголем дел од животот во оваа институција и оставила силен печат во македонскиот театар и кинематографија, таа заслужува нешто повеќе од хипи-смотра на денот на театарот, низ банална „благодарност“ и „чаша тиквешко“. До неодамна постоеше правило како се испраќа колега, пријател, актер… очигледно, тие вредности кај некои кои раководат со театарот не значат многу. Сигурен сум дека таа на ист начин би ги бранела овие актерски, и пред се’, човечки начела кога би станало збор за нејзин соработник – напиша Тозија.

Сподели