Драган и Ратко Даутовски и „Канцониере греканико салентино“ за почеток на 24. ОФФест

Со магичниот дует Драган и Ратко Даутовски, вечерва во 20 часот во Националната опера и балет во Скопје ќе биде отворен 24. ОФФест. Вкупно девет концерти и специјална филмска проекција ќе бидат на програмата годинава. Ќе настапат музичари и состави од 8 земји. Веднаш по дуетот Даутовски ќе настапи италијанскиот состав Canzoniere Grecanico Salentino (Канциониере греканико салентино).

Драган Даутовски, етномузиколог, музичар, композитор и научен работник, е роден во 1957 година во село Русиново, Берово. Професор е на Факултетот за музичка уметност во Скопје и е член на Меѓународниот совет за традиционална музика и танц. Народните инструменти и традиционалната музика ќе му бидат неопходни во неговата пет-децениска уметничка, педагошка и научна дејност. Извлечените звучни вредности од длабочините на нашата фолклорна ризницата, често надградени и осовременети, се неговиот уметнички белег. Во 1992 година го основал ансамблот „Миле Коларовски“, во 1995 година ја формира групата „ДД Синтезис“, а во 2000 година „Квартетот Драган Даутовски“. Учествува во создавањето на музиката за култниот филм „Пред дождот“ но е и автор на музиката на поголем број театарски, балетски и мултимедијални постановки. Неговото име го среќаваме на голем број носачи на звук и компилации. Неуморен промотор на македонскатата музика на сите светски меридијани. Неговата научна дејност е обележена и со издавањето на шест исклучително вредни книги. Значение за македонската култура на Драган Даутовски е немерливо. Драган е иницијатор на страста за музика кај неговиот син Ратко Даутовски. Тој од најрана возраст нурка во музиката со посветеност во истражувањето на богатите мело-ритмички структури, како во македонскиот фолклор, така и во светската музика. Ратко Даутовски е соработник на поголем број наши познати групи и е член на НУ “Танец“.

Педесет години како таранта ритмите на Canzoniere Grecanico Salentino (CGS) исцелуваат и пулсираат. Тоа се половина век на исклучително возбудлива музика и сензационални живи настапи. Основани во 1975-та од фамилијата Дуранте, а сега предводени од визионерот наследник Мауро Дуранте, CGS континуирано ги негуваат своите корени од јужна Италија и ја носат традиционалната жештина на сцените низ светот. Писателката Рина Дуранте е онаа која тогаш ја оживеа идејата, а денес Canzoniere Grecanico Salentino се водечкиот и најдолговечен фолклорен состав во Италија. Неуморни се и постојано го реобмислуваат својот репертоар. Сега, групата е жив пример за изведувачи кои што ги подмладуваат музичките и танцови pizzica традиции за глобалната публика. CGS вибрираат со енергијата на древниот pizzica taranta ритуал, за кој се вели дека со избезумувачкиот танц што турка во транс, се лечи и отровното каснување од тарантулата. А не е ни чудо што по 20 албума и небројни концерти, Canzoniere Grecanico Salentino во 2018-та ја добија наградата за „Најдобра група на светот“ на Songlines music awards. Девет години по фантастичниот настап на ОФФест се враќаат во Скопје како дел од славеничката турнеја.

Сподели