Слушај го сега –
како шумоли дождот,
после ќе нема.
Пишува: Владимир Мартиновски
1.
Во неколку древни митологии дождот се толкувал како комуникација, па дури и сведоштво за љубовта меѓу Небото и Земјата. Дури се верувало дека оној што умее добро да слуша, во звукот од дождот ќе може да „прочита“ тајни пораки од небесата… Вслушувањето во звуците од дождот неколку антички поети го сметале како моќен вруток на творечко вдахновение. Илустративно сведоштво за примордијалната врска меѓу имагинарното на дождот и книжевноста е податокот дека во некои јазици, меѓу кои и во јапонскиот, постојат и по десетина лексеми посветени на оваа природна појава.
2.
Така, уште најстарите хаику-мајстори, меѓу кој е и големиот Соги (1421 – 1502), ни оставиле во наследство дожд од хаику-песни посветени на дождот, меѓу кои еве барем две „капки“: Сè уште е светло, / но есента до прозорецот / стигнува со дождот. Или: Кратко барање засолниште / пред пороен дожд – животот / изгледа, не е ништо друго!
Имајќи предвид дека дождот е еден од ретките „сезонски зборови“, што се провлекуваат низ сите годишни времиња (пролетен, летен, есенски, па дури и зимски дожд), не може да нè изненади и сеприсутноста и фреквентноста на оваа тема како во традиционалната хаику-поезија така и во современото хаику-творештво.
3.
Во овој контекст, првата целосно посветена хаику-книга во современата македонска поезија е стихозбирката „Дождот“ (2007) од Цане Андреевски (1930-2025), поет и раскажувач, писател за деца и суптилен соговорник на Блаже Конески („Разговори со Конески“, 1991) и на Илија Милчин („Разговори со Милчин“, 2001). Овој пат, клучниот „соговорник“ во креирањето на 213 хаику-творби што го сочинуваат овој ракопис е токму дождот. „Една навидум банална природна појава – дождот, е тема на оваа книга“, пишува на задната корица од книгата, „Феноменот дожд е појава пред која човекот бил исправен откако самиот постои и откако ја сознал неизбежноста на својата судбина со неа, било како благодат, било како казна“.
Конструирана како еден вид „поема-верига“ (ренга) на темата дожд (составена од пролог, четири циклуса хаику-песни и епилог), оваа книга на Андреевски ги предочува архетипските и некаде длабоко во нас вкоренети слики и чувства за дождот. Еден од лајтмотивите е токму контемплативното искуство низ чинот на слушањето на шумовите од дождот. Дождот тука има свој „јазик“, а слушателот се претвора во еден вид читател: Слушај и учи / како дождот кажува / убава проповед; Молчи и слушај. / Не ти е нужен зборот, / зашто заврна.
Впрочем, како што дождот ја има моќта сè да преобразува така и човекот се преобразува слушајќи го дождот: Дождот шумоли. / Човекот слуша… Станува струна; Слушни го дождот / што мисли, мрази, љуби… / Огледај си се. Оттука, дождот во поетскиот свет на Андреевски мошне често се прикажува и како акустично-визуелен феномен и како еден вид „писмо“ и како двигател на животот: Дождовни струни! / Она прастаро писмо / зашумолува; Чадорот широк / го дочекува дождот / за интимен шум; Шум од зборови / и шум од пролетен дожд. / Зимата мина. Или, Боже мој мили! / Фатен дожд во олуци / весело пее.; Шлап, шлап по дождот / боси нозе шлапкаат – сè е весело!
4.
Од (гео)поетичка визура, индикативно е дека во најголемиот број песни семантичкиот „чадор“ на дождот во оваа книга кореспондира со симболизмот на водата како матица на животот и плодноста, како творечка енергија и како предуслов за благодат и живот. Како во древните митологии и религии, дождот го чисти, го возобновува и го разубавува светот: Штом заврнува / обнадежен е светов, / ќе никне плодот; По дождот – сонце! / Пределов чист и ведар / ти нуди блискост; На сува рида / благословен дожд слезе / и посла цвеќе; Утро по дождот. / Денот е избањато / дете за бакнеж…
Но, сознанието засведочено со хаикуто (Како и сешто, / дождот има две лица. / Изборот твој е) е артикулирано и во неколку хаику-тристишја во кои дождот се прикажува и како потенцијално деструктивна сила и реална закана за луѓето, со што несомнено се алудира на митемата за потопот: Цела ноќ врне. / Се плашам за куќава / со бош темели; „Бре! Засилен дожд! Зар предупреда праќа / со моќ на потоп; „Денешниов дожд! / Божем е крај на светов / – ковчег во вода! Но, и во двете варијанти, клучната симболичка функција на дождот се состои токму во тоа што го менува светот.
5.
Покрај музичката умешност на „варирање на тема“, во книгата на Андреевски има место и за уште еден смел експеримент – цитатните „екскурси“ посветени повторно на темата на дождот. Покрај неколкуте алузии на древните додолски ритуали, песни и народната мудрост, покрај настојувањата да се алудира на присуството на дождот во филозофската мисла (особено кај Хераклит), низ ракописот се среќаваат неколку песни што се темелат на интертекстуалната игра, што упатува на неколку неодминливи пунктови од современата македонска поезија, чијшто заеднички именител е токму присуството (или, пак, отсуството) на водата и дождот, почнувајќи од алузиите на „Суводолица“ на Петар Т. Бошковски, преку „Сушите“ на Радован Павловски, па сè до неодминливите „Дождови“ на Матеја Матевски.
6.
Но, покрај обидот да проткае еден вид „филозофија на дождот“, ракописот на Андреевски е особено возбудлив доколку во него се проследи автопоетичката ненаметлива нота, што воспоставува релации меѓу дождот и книжевното создавање: Штом молкне дождот / седни под јасно сонце / и раскажувај; Капка по капка / и збор по збор, цел живот… / Да се раскажеш или Дождов е сличен / на нашите зборови: / нескротлив до крај.
7.
Како деца, кога се враќавме накиснати дома ни велеа дека од дождот се расте… Читајќи го „Дождот“ на Цане Андреевски, веројатно е дека се расте (но на еден поинаков начин). Само треба да им се препуштиме на стиховите.
Убаво да нè накиснат!





