Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчера го прими вонсерискиот млад танчер Анди Исмаили кој со својата уникатна, импресивна и маестрална игра го освојува светскиот модерен танцов подиум, прославувајќи ја Македонија.
-Нема прво место што не го освоило ова момче. Со само 16 години тој е петкратен светски шампион во танцување, што е потврда за неговата исклучителна дарба, совршена креативност, заразна емоција, врвна музикалност и неповторлива елеганција. Неговите успеси на неодамнешното Светско првенство во Полска, крунисани со златен и сребрен медал нè прават горди што е еден од нас и сè уште со нас. Но, светските дострели бараат посебно разбирање, нега и грижа за овој посебен млад човек. Ние сме должни да најдеме системски решенија за континуирана поддршка на младите таленти во различни области, како најголеми промотори на културната дипломатија – вели Сиљановска Давкова.

Достигнувањата на Анди се високи колку и Андите и тие ја позиционираат Македонија на светската мапа на уметноста, го стимулираат и гарантираат неговиот понатамошен успех, но и инспирираат многу млади, дома и надвор. Анди е пример и доказ дека нема неостварливи соништа за талентираните, каде и да се. Посакувам да ја согледаме неговата светски признаена вредност, да ја поддржиме неговата извонредност и да сфатиме дека неговата победа е и наша, завршиува претседателката.






