Допревме до села каде не гледале филм и по 40 години. Патувачкото кино на „Македокс“ денеска трга за Кратово

Проекциите на „МакеДокс“ сред село се доживување и атракција за сите жители за која зборуваат и ја паметат долго време

Магаренцето на „МакеДокс“ денеска ќе го започне своето патување под ѕвездите во Кратово, а за утревечер е резервирано селото Шлегово. Токму проекцијата во Шлегово ќе биде 80-та посета на познатото магаренце на фестивалот. Заштитен знак ќе киниса кроце по главната артерија која го обединува истокот. Ќе мине низ бои и мириси на Брегалничкиот слив кои ги опиваат сите сетила, низ старите буки кои уживаат во бесконечната симфонија на шумот од водопадите синхронизиран со песната на птиците. Годинава Патувачкото кино го менува својот формат и наместо 15-дневно доживување ќе направи викенд-проекции во осум градови и населени места во Североисточниот Регион. Досега беа прикажувани документарни филмови во речиси сите градови и региони низ државата. Раскажаните приказни покриваат простор со размер сличен на растојанието од Беринговото море до Глобочица кај Дебар.

Патувачкото кино досега посети 75 места, а во 2019 година посети и три местга во Албанија – Бучимас, Пустец и Лин. Сите проекции се под отворено небо и се бесплатни. Во најголем дел од овие села никогаш претходно немало кинопроекција или имало неколку пред 40-50 години. Проекциите на „МакеДокс“ сред село се доживување и атракција за сите жители за која зборуваат и ја паметат долго време.

Во јули Патувачкото кино ќе прикажува документарни филмови во Штип (2 и 3 јули), како и во с. Оризари (9 јули) и Кочани (10 јули). Последната сесија годинава ќе се случи во септември со проекции во Виница (3 септември) и с. Пекљани (4 септември). Проекциите ќе почнуваат во 21 часот, а влезот е бесплатен.

Патувачкото кино на „МакеДокс“ 2021 е поддржано од Агенцијата за филм, општините Кратово, Кочани, Штип, Виница и Центарот за развој на Источен плански регион.

Се среќаваме со луѓе што никогаш не посетиле кино

Дарко Набaков, дел од организацијата на фестивалот вели дека со самиот факт што патувачкото кино посетува места каде што последен пат се гледал филм на големо платно пред 40 или 50 години претставува голема промена.

– Во местата каде што патуваме се среќаваме со жители што никогаш во животот не посетиле кино. Најмногу нè радува кога среќаваме млади луѓе кои се вљубуваат во документарниот филм и на крајот на летото доаѓаат да волонтираат на фестивалот во Скопје. А некои од нив се дел од нашата „банда“ веќе со години – вели Набоков.

Дарко Набaков

Секоја година се случува нешто ново што го одбележува Патувачкото кино. Најинтересните приказни се раскажуваат за време на заедничките ручеци или дружби со жителите, најчесто на сретсело или во локаната црковна трпезарија каде се раскажуваат локалните митови, случки и приказни…

– Во некои села сме имале интересни реакции на темите на филмовите… По пристигнувањето во едно село ни соопштија дека 70%  од селото се ергени па имавме токму филм за хрватски бизнисмен чиј бизнис е барањето партнерки за ергените од Сплит … не би навлегувал во детали, но реакциите беа извонредни… Имало проекции кога локалното население се препознава себеси или некој од своите блиски во старите документарни филмови од регионот каде проектираме… Секое место си носи своја енергија и своја приказна, можам само да ги поканам сите да дојдат и да уживаат во нив – вели Набaков.

Сара Ферро: Многу млади ни станаа волонтери

За Сара Ферро, која буквално дише со фестивлалот, најубави моменти низ годините се сместувањата на екипата во преубавите манастири, заедничкото функционирање две недели, готвење и јадење заедно со селаните, креативните игри помеѓу децата од екипата и од селата.

– Во изминатите четири години најголемите придобивки се присуството на младите од школата за документарен филм МакеДокс Докуникулци и еко-акциите кои сме ги правеле со нив, како и еколошката неосвестеност која владее кај нас. И сите луѓе кои сме ги сретнале низ годините, а не биле во кино никогаш или пак не гледале филм на платно 40-50 години. Би го издвоила и првиот обид за регионално Патувачко кино во 2019 година, кога посетивме и три села од албанската страна на Охридското и Преспанското Езеро – вели Ферро.

Сара Ферро

Патувачкото кино успеа да придонесе за социјализција на руралното со урбаното населени, се прави размена на културни вредности и добра, што е основната цел за постарите гледачи, а во однос на младата публика во руралните средини, им се доближуваат филмот, играта и задоволството.

– Во првите изданија на Патувачкото кино имавме доста проблеми, бидејќи сметаа дека вршиме пропаганда, но во последниве неколку години, откако ја спознаа нашата работа, нè прифатија и имаме одлична и лесна соработка со локалните институции – вели Сара.

 

Сподели