„Наместо да купите чоколада или пакетче, донирајте за Лео. Вам ќе ви направи мала разлика, нему ќе му помогнете да живее.“ Ова се дел од апелите кои деновиве се споделуваат на социјалните мрежи за помош на Леонид Индов, момчето кое со својот тим пред половина година го освои првото место на меѓународната „Предизвик за вселенски апликации на НАСА“.
Во тешка несреќа тој летово доби повреди на ‘рбетот и по комплексната операција, неговиот живот сè уште е во опасност. Лео најде сила и од болничкиот кревет им ја честита Новата година на сите, а на неговите поддржувачи им посакува здравје, среќа и љубов и лично им се заблагодари за секоја помош и поддршка.
Околу новогодишните празници во Скопје се организираа донаторски хуманитарни настани и концерти за поддршка на талентираниот Леонид.
– Нашиот пријател Леонид имаше несреќа што резултираше со тешка повреда на ‘рбетот. Како последица на повредата не може да ги движи рацете и нозете. Лео беше подложен на комплицирана операција, но потребни се дополнителни финансиски средства за неговото тековно лекување за да ја врати способноста да се врати на училиште и да се дружи со нас.
Како пријатели на Лео, секогаш сме биле инспирирани од неговата позитивна и нежна природа, неговиот спортски дух и неговите достигнувања. Лео има посебна страст за компјутерите и заедно со својот тим го освои првото место на меѓународната „Предизвик за вселенски апликации на НАСА“ – велат неговите пријатели.
Семејството на Лео лично ја пренесе неговата новогдишна порака дека во новата година влегуваат со надеж, желба и борба за негово опоравување.
– Тој сè уште е во животозагрозувачка состојба и затоа продолжуваме со борбата за негово опоравување – велат тие.
Донаторската акција на gofund е отворена за лекување на клиника во Швајцарија. Моѓете да помогнете и на неколку начини:
1. Јавување на телефонските броеви
Т-мобиле: 143-118
А1: 143-500
2. За уплата од Македонија: 210-7000006805-91 НЛБ Банка





