Донаторски концерт на Националниот џез оркестар и Марија Мендеш за семејствата на жртвите и повредените во Кочани

Концертот на португалската фадо-пејачка Марија Мендеш и Националниот џез оркестар кој беше претходно откажан, сепак ќе се одржи, а сите пари од продажбата на билетите ќе бидат донирани за семејствата на жртвите и повредените во Кочани. Концертот е закажан за задутре (25 март) во Националната опера и балет во Скопје во 20 часот. Во фоајето ќе бидат поставени и кутии за донации во кои ќе може дополнително да се донираат средства.

Музиката на Мендеш е уникатна мешавина од џез и португалска фадо музика, a нејзините изведби имаат добиено признанија од истакнати музички легенди како Квинси Џонс, Вејн Шортер и Хермето Пашкоал кои ја опишуваат како „џез пејачка од највисок ранг“.

Заедно со пијанистот и аранжер Џон Бизли, Мендеш решава старите фадо-нумери да ги изведе во модерно, џез руво. Овој органски спој им носи четири Греми номинации за двата албуми: Close To Me (2019) и Saudade, Colour of Love (2022), од кои вториот е аранжиран за џез ансамбл и камерен оркестар со гудачка и дрвена дувачка секција, изведен со познатиот холандски Метропол оркестар.

– Токму овој материјал, дополнително обработен за биг бенд оркестар од страна на Владимир Николов, кој ќе биде диригент на концертот, Марија Мендеш и Јесе Пасение, ќе биде изведен во оваа специјална прилика. Покрај неколку легендарни фадо песни во репертоарот, значајно е што легендарниот Хермето Пашкоал ѝ посвети песна на пејачката со неговата експериментална верзија на фадо, изведена без зборови – велат организаторите.

Една од омилените песни на Мендеш е Com Que Voz, стара песна од Португалија чиj текст датира од пред 500 години, напишана од поетот Луиш де Камоеш, кој многумина го сметаат за португалски Шекспир.

Билетите за концертот може да ги набавите online на https://mktickets.mk/event/maria-nacionalen-jazz-orkestar/ и на продажните места на MKTickets.

Сподели