Донаторска вечер на фондацијата „Фросина Кулакова“

Поради технички проблеми променета e локацијата на одржување на донаторската вечер „Threads of Light“, која ќе се одржи утревечер во 19 часот во ресторанот „Везилка“ во Скопје (наместо во „Станица 26“). Со овој настан официјално ќе биде одбележан почетокот на работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“.

Вечерта ќе ги обедини уметноста, музиката и општествената одговорност во една заедничка порака за грижа, правда и свесност. Во рамките на настанот ќе бидат изложени и ставени на хуманитарна аукција дела од македонски уметници и креативци, а средствата собрани од донаторската вечер ќе бидат наменети за обезбедување психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии, како и за идни активности за превенција и подигнување на јавната свест.

Посебен и емотивен момент на вечерта ќе биде претставувањето на химната „Фросина“, што ќе ја изведе Александар Митевски заедно со хорот „Фрида“ под водство на Сузана Турунџиева, со текст на Огнен Неделковски.

Фондацијата „Фросина Кулакова“ е основана од семејството на трагично загинатата Фросина со цел да создаде долгорочна и одржлива платформа за подигнување на јавната свест за безбедноста во сообраќајот, за развој на кампањи за општествена одговорност и за обезбедување психосоцијална и правна поддршка за семејствата кои се соочуваат со последиците од сообраќајни несреќи.

Сподели