Донација за деца со попречености во Куманово собрани на хуманитарен семеен фестивал во НОВА

Повеќе од 330.000 денари се собрани на 17. хуманитарен семеен фестивал што се одржа во меѓународната образовна институција НОВА во Скопје. Поголемиот дел од средствата ќе бидат донирани на oсновното училиште за деца со попречености „Браќа Миладиновци“ во Куманово, а остатокот од сумата ќе биде искористена за различни добротворни иницијативи, кои се организираат како дел од програмите за општествена одговорност на училиштето. На отворениот настан присуствуваа стотици граѓани кои вкусија автентична храна од повеќе од 10 земји и се запознаа со различни кулинарски приказни и култури. Тие уживаа во повеќе настапи од учениците од НОВА, во посета на мини зоолошка-градина и се забавуваа на лотаријата со различни производи.

Овој хуманитарен настан е конципиран како семејна забава, а НОВА по втор пат го реализира во соработка со невладината организација Let’s Spread Love од Куманово. Лани беа собрани и донирани 254.780 денари за учениците во интернатот на основното училиште „Христијан Тодоровски – Карпош“ во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане.

Организатор на настанот е Асоцијацијата на родители и наставници при училиштето НОВА кои се грижат за севкупната програма.

– Хуманитарните активности и иницијативи се приоритет во нашето училиште, кои како човечки вредности секојдневно ги пренесуваме на учениците. Силно веруваме дека, пред сè треба да ја негуваме емпатијата и секогаш да подадеме рака на оној што во тој момент му е потребна затоа што тоа нè прави луѓе во вистинска смисла на зборот. Како училиште отсекогаш сме биле интегрален дел од општеството и се трудиме да помогнеме во рамки на нашите капацитети, а фестивалот е настан кој од година во година, зема сè поголем замав со што и големината на собрани средства расте и тоа резултира со помош на повеќе институции и граѓани – велат од НОВА.

Досега дел од собраните средства на семејниот фестивал биле наменети и за Клиниката за педијатриска хематологија и онкологија при Универзитетската детска клиника, Домот за деца без родители „11 Oктомври“ во Скопје, Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, Заводот за ментално здравје на деца и младинци (ЗМЗДМ) „Младост“, Дневниот центар за деца на улица – Шуто Оризари и други институции.

Сподели