„Дон Кихот“ вечерва со Христина Наќевска и Балаж Лочеи

На сцената на Националната опера и балет вечерва во 20 часот ќе биде изведена балетската претстава во два чина „Дон Кихот“ од Лудвиг Минкус, во кореографија на Виктор Јаременко од Украина. Диригент на претставата е Иван Еминовиќ. Сценограф е Андреј Злобин, а костимографијата е на Гана Ипатиева од Украина. Концерт-мајстор е Јане Бакевски.

За првпат во улогите на Китри и Базил ќе настапат Христина Наќевска и Балаж Лочеи од Унгарија. Во улогата на Еспадо ќе настапи Игор Веланоски, а во улогата на Улична – Ивана Коцевска.

Настапуваат солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет заедно со деца од балетскиот оддел на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

„Дон Кихот“ е волшебна приказна за ветерници, „совршената“ жена и вистинската љубов. Балетското дело е поставено на музиката на Минкус со експресивно темпо кое резултира со познатото „Дон Кихот па де де“, кој дава акцент на целата претстава.

Kомпозиторот и виолинист Лудвиг Минкус (1826-1917) напишал неколку популарни балети, а речиси сите од нив, а особено балетот „Дон Кихот“ и денес се изведувани низ целиот свет. „Дон Кихот“ е балет базиран на познатиот истоимен роман од Мигел де Сервантес.

Сподели