На претстојниот 5. Фестивал за литература и илустрација за деца Литера 2023, што започнува утревечер во 19 часот во Музејот на град Скопје, еден од гостите е илустраторот Доминик Вуковиќ, еден од најдобрите илустратори на современата хрватска сцена. Роден во Загреб во 1990 година, Вуковиќ завршил на Академијата за ликовни уметности, во класата на Свјетлан Јунаковиќ во 2015 година.
Тој е илустратор, графичар и сликар, а од 2019 година работи како надворешен соработник на академијата во Загреб, на графичкиот отсек. Учествувал на бројни ликовни колонии и работилници, а имал четири самостојни изложби. Илустрираната новела „Долго патување до целта“ од Михаел Енде, сликовницата „Сон на летната ноќ“ на Зоран Фериќ и „Мува во ателје“ на Сања Ловренчиќ, кои тој ги илустрирал, се сместени меѓу 25-те најдобро обликувани хрватски книги за 2019 и 2020 година, според изборот на Националната и универзитетска библиотека во Загреб. За авторската сликовница „Свјетлана и соништа за летот“ ја добил наградата „Григор Витез“.

Со него поразговаравме за неговиот начин на работа и пристап во илустрацијата за деца, како и можноста со неговото творештво да се сретне македонската публика.
Ве радува ли можноста да се претставите пред македонската публика во рамките на фестивалот Литера 2023?
– Се разбира! Можам да кажам дека ми е чест што ја имам оваа прилика и сум благодарен на поканата. Една работа што посебно ме радува е што прв пат одам во Македонија, многу се радувам за Скопје.
Вашата креатива го краси 5. издание на фестивалот и дефинитивно тоа е вистинска порака годинава. Фестивалот сакаше да обрне внимание на фината тема која светот во последните години како по малку и да ја заборави. Колку уметноста и илустрацијата може да им упати гласни пораки на луѓето?
– Развивам некоја хипотеза во мојата глава за тоа како уметноста е многу слична на говорот што го користиме секојдневно во изразувањето кога разговараме со луѓето. Слична е по тоа што без разлика на уметничкиот медиум што го користиме, можеме да се изразуваме свесно, јасно и можеме да одлучиме што сакаме да кажеме. Така што, ако одлучиме да комуницираме пораки преку уметноста кои се на страната на доброто и на човекот, верувам дека можеме да им упатиме гласни пораки на луѓето, понекогаш и тивки, важно е да се позитивни за почеток.

Хрватска има силна илустраторска школа, тоа може да се види преку делата на многу уметници илустратори. Каде е позицијата на илустраторите во културното творештво и во светот на издаваштвото?
– Поточно, на никого во културата во Хрватска не му е совршено, па така ниту нам илустраторите. Проблемот е во тоа што секој веќе помалку работи за себе и сам ги одредува цените на своите дела и тоа им дава можности на издавачите да ангажираат илустратори што се подготвени да одработат за помали хонорари. Тоа секако не е добро за сцената и тоа значи дека не ги држиме конците во нашите раце. Овој проблем, така да се изразам, е многу покомплексен, отколку што овде почнав да објаснувам и отвора широка тема, ама треба ние и сите автори во културата да работиме за подобри услови.
Кои автори најмногу влијаат на Вашата работа?
– Најголемо влијание влечам од сликарството на 20 век. Ми се допаѓа мислата дека иднината на уметноста е во историјата на уметноста. Многу научив од Свјетлан Јунаковиќ, неговите дела на мене најмногу ми влијаеле. А тука се, се разбира, и моите колеги и пријатели на сцената. И постари и помлади. Тоа се меѓугенерациски влијанија.

Како Вие ѝ пристапувате на една сликовница, каков е Вашиот процес на работа?
– Ќе го прочитам текстот и почнувам да цртам размислувајќи за тоа каква е таа сликовница, за што се работи, кој ќе ја чита, како ќе ја доживеам. Ја распоредувам работата на кадри или сцени на некој облик на сториборд, разработувам композиција, размислувам за техниката што би ја користел, како дел од концептот, сакам техниката да го следи дејството и атмосферата на целата приказна и по скицирањето почнувам да илустрирам по тие одредници. Се разбира дека размислувам и за форматот на сликовницата како дел од свесната ликовна одлука. И всушност, на секоја сликовница и пристапувам на друг начин. Засега, секоја сликовница што сум ја работел е цртана на различен стил, во зависност од тематиката и приказната.
Во океанот од визуелни пораки што децата ги примаат од сите страни, како знаете кој начин да го одберете, боите и пристапот во Вашите илустрации? Како полесно да и се приближиме на детската публика?
– Искрено, не знам. Знам дека илустрацијата за помалите деца мора да биде обликувана „поедноставно“, отколку таа за постарите деца или тинејџери или возрасни. Тешко ми е тоа да го опишам, на тоа пристапувам многу интуитивно, слушaјќи се себеси кога цртам. Тоа би го поврзал повторно со говорот. Ако разговарам со деца ќе разговарам со нив на начин на кој ќе можат добро да ме разберат, значи така ќе се обидам и да цртам. Ако разговарам со возрасни за истата тема, мојот цртеж ќе има слобода да биде покомплексен и слоевит.

Кој е Вашиот нов предизик по фестивалот „Литера“? Што Ве очекува?
– Што ме очекува… Имам неколку сликовници кои моите издавачи очекуваат да ги нацртам на време. И мора да бидам многу фокусиран на нив и би сакал да зборувам за нив откако ќе ги завршам, така се чувствувам подобро во врска со своите илустрации, а од друга страна, цртам серија цртежи со графити, кои засега спонтано се надоврзуваат на серијата црвени цртежи за детството според кои настана книгата со наслов „Hahari na dnu mulja“.





