Документаристот Мишо Нетков ѝ го депонираше својот авторски опус на Кинотеката

Проф д-р Мишо Нетков (Скопје, 1950), редовен професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности „Еуропа Прима“ во Скопје, деновиве го депонираше својот 40-годишен документаристички опус во Кинотеката. Документаристичкиот труд на Нетков е врзан за Македонската телевизија, каде што се вработил во 1974 година како соработник на Гого Ивановски, основоположник и идеен творец на македонската телевизиска документаристика. Речиси 4 години го учел занаетот од него, а потоа започнал самостојно да прави емисии. Во МТВ останал творел до пензионирањето 2014 година, поминувајќи ги скалилата од помлад соработник во Редакцијата за документарната програма до одговорен уредник на програмата. Ги поминал сите новинарски фази и бил 40 години во редакцијата, што е редок случај во новинарството.

Нетков (десно) во разговор со Владимир Ангелов, директор на Кинотеката

Неговиот авторски опус во документаристиката што сега се наоѓа во депото на Кинотека се состои околу 500 емисии во формат ВХС, СВХС, Бета, Мини ДВ. Досега објавил и 9 книги, кои на некој начин се поврзани со неговото творештво. Во документарните материјалите станува збор за целосниот креативен опус што го има создавано 40 години од разни жанрови: документарни емисии, документарни филмови, етнофилмови, докуменатарни драми и документарни есеи. Во депото на Кинотеката се депонирани суровите материјали кои се монтирани во емисиите, а се снимени, во најголем дел, со негова лична камера во Македонија, Европа, Африка, Азија и Северна Америка (Канада и САД). Нивниот формат главно е СВХС и Мини ДВ.

Сподели