Документарниот филм „Градина“ на режисерот Бојан Тантуровски успешно се претстави на филмскиот маркет „Агора“ во рамките на 25. издание на документарната едиција на Интернационалниот филмски фестивал во Солун, што се одржа од 5 до 10 март. Филмот лани ја освои главната награда на пичинг форумот на Evia Film Project во организација на Филмскиот фестивал во Солун, со што обезбеди место во овогодинешниот каталог на филмови во подготовка на овој еминентен европски фестивал во Грција.
Екипата на филмот, кој оваа година е во завршна фаза, преку низа состаноци и презентации за време на
филмскиот маркет, го потврди интересот кај дистрибутерите и креаторите на програми на филмските
фестивали за документарни филмови. „Агора“ на Интернационалниот филмски фестивал во Солун беше домаќин на 45 тимови со возбудливи документарни проекти во различни фази на продукција. Повеќе од 400 документарци од сите облици и форми беа достапни во онлајн видео библиотеката на Agora Doc Market, а се одржаа и повеќе од 15 мастеркласи, „Агора токс“ и отворени дискусии на кои учествуваа повеќе од 300 филмски професионалци од 40 земји од светот.
Во „Градина“ режисерот Тантуровски ја следи приказната на последните урбани герилa градинари во
Скопје. Покрај него, креативната екипа на филмот ја сочинуваат директорот на фотографија Кирил Шентевски и монтажерот Горан Вуќиќ, а продуцент на филмот е Илија Тирицовски. Филмот го продуцира „Охо продукција“ и е поддржан од македонската Агенција за филм.