Документарец за Сантана ја отвора филмската програма на „Скопје синема сити“

Дали сум задоволен како расте фестивалот? Апсолутно. Дали е лесно да се организира фестивал? Воопшто. Досега не сме имале издание кое наликува на некое од претходните – вели Ненад Георгиевски, организатор на фестивалот

Филмот „Карлос“ во режија на Руди Валдез, посветен на големата музичка гитарска легенда Карлос Сантана, вечерва во 21 часот во киното „Мирно лето“ во Кинотеката, ќе го отвори 10. издание на фестивалот „Скопје синема сити“. Филмот се осврнува на животот на големата ѕвезда, кој од уличен музичар на 14 години стана седумкратен добитник на наградите „Греми“.

До 4 јули проекциите на филмовите ќе започнуваат во 20.15 часот во летното кино, а во случај на дожд, проекциите ќе бидат префрлувани во киносалата на Кинотеката.

Ова патување започна како визија и страст за музиката и филмската уметност, и денес, по десет години, повторно сме тука, вели Ненад Георгиевски, организатор на фестивалот.

-Каков предизвик беше ова патување! Секоја година го подигаме нивото, донесувајќи нови и возбудливи приказни од светот на музиката, споделувајќи ги со публиката што ја изградивме. Ова издание е особено важно за нас, не само поради јубилејот, туку и поради квалитетот и разновидноста на филмовите што ги прикажуваме и гостите што ќе присуствуваат. Дали сум задоволен како расте фестивалот? Апсолутно. Дали е лесно да се организира фестивал? Воопшто. Досега не сме имале издание кое наликува на некое од претходните. Фестивалот прерасна во платформа која ги обединува љубителите на музиката и филмот, креирајќи заедница која ја слави креативноста и уметноста. Со секое издание, ја прошируваме нашата визија и претставуваме нови содржини. Всушност, фестивалот носи во себе рамнотежа помеѓу познати содржини и непознати – вели Георгиевски и додава:

– Ве поканувам да ни се придружите за време на овие 4 дена и да уживаме заедно во ова прекрасно искуство. Се надевам дека фестивалот ќе продолжи да расте и дека ќе ве поканам на некој друг јубилеј.

„Скопје синема сити“ е филмски фестивал на музички документарни филмови. Програмата на фестивалот е поделена во два дела – изложба на фотографии што веќе е отворена во „Мала станица“, како и филмската програма што започнува од вечерва.

Утревечер на програмата ќе бидат „Ајде да се изгубиме: Чет Бејкер“ и „Џо Страмер, Иднината е ненапишана“. Земја во фокус годинава е Полска, а фестивалот ќе организира омаж на опусот на Грегор Брзозович. Авторот ќе биде и гостин на фестивалот, а со него ќе биде организиран и разговор на 3 јули во 21.15 часот.

Последната вечер на фестивалот ќе биде посветена на македонски филмови. Ќе бидат прикажани „Лука“ ворежија Ице Виранов. Ќе бидат промовирани две изданија – „Филмска објектологија“ на Васил Михаил и „Биографија на Тале Огненовски“ на Благојче Трајковски. Ќе биде прикажан и филмот посветен на Огненовски.

Артист во фокус за оваа година е полскиот филмски композитор Збигњев Прајснер кому му е доделена наградата за животно дело.

Во периодот помеѓу 1985 и 1996 година, почнувајќи од филмот No End, Прајснер бил еден од најблиските соработници на Кишловски и заедно работеле на 17 филма. Меѓу познатите филмови што изнедриле исто толку позната музика се мини серијалот „Decalogue“, филмовите „А Short Film About Killing“, „A Short Film About Love“, „The Double Life of Veronica“, трилогијата „Three Colours“. Нивната соработка не била само насочена кон светот на филмовите туку и кон концерти. „Requiem for my Friend“, кој е посветен на Кишловски, првично бил замислен како концертно дело со поинаква природа, кое требало да се изведува на подиуми во европските метрополи. Всушност, Кишловски и требало да го режира. Но со неговата прерана смрт во 1996 година, природата на ова дело се менува. Поделено на два дела, насловени како „Requiem“ и „Life“, ова е најемотивното дело во опусот на Прајснер.
Покрај Кишловски, Прајснер е автор на музика за десетици филмови, меѓу кои се „Damage“, „Aberdeen“, „The Secret Garden“, „Man of God“. Неговата карактеристична лиричност и емотивност довела и до многубројни соработки, како со Дејвид Гилмор од „Пинк Флојд“ и со Лиса Жерар од „Dead Can Dance“. (С.Ѓ.)

Сподели