Доделени наградите „Успешни млади“

Д-р Виктор Стојкоски ја доби наградата „Успешни млади“, што ја доделува претседателот Стево Пендаровски за поттик на научно-истражувачката мисла и уметничката работа на младите во Македонија. Најдобар млад научник во хуманистичките науки e избран м-р Иван Антоновски. За најдобар млад научник во природно-математички и технички науки е избран д-р Андреј Ристески, а за Најдобра млада научничка во медицински науки е избрана д-р Гордана Георгиева.

Во категоријата „Млад талент“ носители на признанието се Македон Димитровски, ученик во трето одделение во основното училиште „Лирија“ од Тетово и средношколецот Алексиј Тасиќ.

Признание за постигнат особен успех и за афирмација на инклузијата доби Нина Костовска, додека за најдобра млада уметница е избрана Наталија Теодосиева.

Во своето обраќање на церемонијата претседателот Пендаровски рече дека како припадници на новата генерација македонски интелектуалци, овие млади луѓе се дел од креативното малцинство кое има потенцијал да направи значајни пробиви во своите области.

– Овие успешни млади луѓе се позитивен пример за нивните врсници, но и за генерациите што допрва доаѓаат. Нивниот пат до успехот не е ни малку лесен, бидејќи бара време и посветеност во континуитет. И затоа од државата мора да биде соодветно награден и вреднуван. Имено, токму тоа е главната цел на признанието „Успешни млади“ – да ја поттикне научната, истражувачката и креативната работа на младите“, рече претседателот Пендаровски.

„Но, со ова признание сакаме да постигнеме уште нешто, не помалку вредно – а, тоа е да го намалиме иселувањето на младите, образовани луѓе“, рече претседателот Пендаровски, повикувајќи државата да им овозможи на сите млади таленти еднакви можности да напредуваат, и да ги препознава и наградува најуспешните меѓу нив.

Признанието „Успешни млади“ се доделува по трет пат за резултати постигнати во изминатата календарска година во областа на општествените, природно-математичките и техничките, хуманистичките и на медицинските науки, на млади со значајни достигнувања во уметничките и во културните практики, како и во категориите млади иноватори, таленти и успешни млади со попреченост.

Сподели