Третото издание на проектот „Добри гости“ утре и задутре ќе се одржи во Демир Хисар. Проектот го организира издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје и преку него иницира серија книжевни гостувања на автори од главниот град во внатрешноста на земјата на заеднички читања со локални автори, а во соработка со локални чинители.
На третото издание на „Добри гости“ ќе учествуват: Владимир Мартиновски, Биљана Солунчевска, Марија Велинова, Андреј Ал-Асади, Ѓоко Здравески, Игор Станојоски, Фросина Пармаковска, Перица Сарџоски, Марија Ангеловска, Диме Данов, Антонио Павловски, Зоран Котевски, Кире Огненовски, Стојанче Колевски, Андреј Медиќ Лазаревски и Јулијана Величковска. Дел од нив ќе се претстават со поетско-музички перформанс.
„Добри гости III“ почнува утревечер во 20 часот во кафе-барот „Конект“ во Демир Хисар на кој ќе настапат дваесетина поети. Задутре (23 јули) во 18 часот дел од поетите ќе читаат и во „Арт Поинт ‒ Гумно“, во Слоештица. За време на овој настан академскиот сликар Сергеј Андреевски ќе изведе сликарски перформанс врз основа на прочитаните стихови.
Настанот е во рамки на проектот „Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста III“ во организација на Центарот за креативни индустрии – НЕБО од село Суводол, а „Култура бета“ ќе биде медиумски партнер на проектот.
„Добри гости“ се состои од читање поезија и проза, емитување поетски и други краткометражни филмови поврзани со литературата, разговори со автори, со издавачи, разни трибини, книжевни промоции, работилници и слично. Гостувањата ќе се одржат во повеќе градови. Иницијативата ќе заврши кон крајот на годинава со маратонско книжевно читање во Скопје, на кое, доколку се во можност, би учествувале сите вклучени автори.





