Бронзената скулптура на Горан Стефановски утрово го виде небото над Дебар Маало. „По една година изработка, долги ковид-месеци во склад и неколку недели во кутија“, напиша Игор Стефановски, синот на Горан Стефановски. Автор на делото е реномираниот британски скулптор Стивен Мелтон.

Фотографија: Игор Стефановски
– За жал, поради новите мерки, нема да има јавен настан за отворањето. Но, сигурно така и требало да биде, бидејќи Горан секогаш се враќаше во Скопје тивко и ненајавено – едноставно си сакаше да се појави. Всушност, никогаш не се сметаше за отсутен. Така што, еве и овој пат, Горан би требало да биде поставен на своето место, каде ќе ве чека за седенка и муабет. Кога ќе бидете во можност, отидете да го поздравите. Добре дојде дома, стари! Едвај чекам да седнам до тебе пак – напиша Стефановски.
Спомен-обележјето е леено во бронза во леарницата Spacer во Маргејт, Англија. Клупата е поставена е во тревната површина помеѓу кафеаната „Идадија“ и Општина Центар. Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ се заблагодари на донацијата на Телеком и заложбите на Здружението за промоција на културното наследство на Горан Стефановски.
Нашиот светски познат драматург Горан Стефановски почина на 27 ноември 2018 година во Велика Британија. Имаше 66 години.

Од поставувањето / Фото: Општина Центар







